Помошник-директорот за топлинска енергија во АД ЕСМ, Александра Маројевиќ, во изјава за медиумите соопшти дека АД ЕСМ почна со воведување нови начини за олеснување на процесот на префрлање на потрошувачите на топлинска енергија во градот Скопје од претходниот снабдувач на новиот снабдувач ЕСМ Снабдување со топлина.
Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава.
„ЕСМ Снабдување со топлина засилено работи на изнаоѓање поедноставени начини за склучување договори со потрошувачите, со кои тие ќе се префрлат од претходниот снабдувач со топлинска енергија на сегашниот, ЕСМ Снабдување.
Во изминатата недела потрошувачите склучуваа договори само преку директно пристапување кон пунктовите каде документите се пополнуваа и потпишуваа.
Од денеска, Договорот е поставен на интернет страницата на АД ЕСМ и ќе биде поставен и на нашите официјални канали на социјалните мрежи, од каде потрошувачите ќе можат да го симнат, да го испечатат и да го пополнат. (Линк до договорот)
Два пополнети примероци од договорот потрошувачот ќе однесе во еден од пунктовите, со приложување на увид документ за лична идентификација и една фактура (или копија) од претходниот снабдувач. На овој начин ќе се намали времето на задржување на потрошувачите во пунктовите, со оглед на тоа што документот ќе биде веќе пополнет од нивна страна дома.
Доколку потрошувачот нема одредени податоци кои се бараат во договорот и не ги внел, како број на имотен лист итн., тие податоци ќе му бидат внесени од службениците на шалтер, кои имаат електронски пристап до катастар и ќе проверат на лице место, значи граѓаните нема потреба да одат да вадат други документи за да пополнат во договорот.
На шалтер ќе го потпишат договорот и со тоа постапката е завршена.
Како што реков, договорот треба да го поднесе лично потрошувачот на чие име се води сопственоста на станбениот простор во објектот. Доколку сопственикот на имотот не е присутен во државата и затос не е во можност лично да дојде во наплатниот пункт, засега може да ополномошти друго лице, кое во негово име ќе го потпише потребниот договор.
Тековно ќе се изнаоѓаат решенија и за други корисници, кои од лични, здравствени причини, возраст итн. не можат да ги напуштат своите домови, и на овие наши граѓани ќе им излезеme во пресрет и ќе им овозможиme Договорот да го склучат во нивниот дом.
Доколку е настаната статусна промена на сопственост (купопродажба, решение за наследување и сл.) новиот потрошувач потребно е да приложи на увид документ за идентификација, како и документ со кој се докажува сопственоста на станот, или објектот, како што е имотен лист, купопродажен договор или решение за наследување.
Засега договорот како што реков потрошувачите можат да го најдат на интернет и да го испечатат, но работиме на тоа во следниот период да ги испраќаме договорите i по пошта за потрошувачите кои во меѓувреме не се префрлиле на новиот снабдувач и кои од свои причини не можат да пристапат на страната и да го симнат и испечатат документот. Значи тие ќе добијат два примерока по пошта и постапката натаму ќе биде иста. Ќе ги пополнат и ќе ги предадат на пунктовите.
Повторно напоменуваме, додека тече префрлувањето на граѓаните од еден на друг снабдувач, греењето непрекинато ќе се испорачува и во ниеден момент испораката нема да биде загрозена, и граѓаните треба да бидат спокојни, парно ќе имаат сите.
Да информираме и дека заклучно со 21.10.2022 година, односно со вчера, склучени се 3.000 Договори за снабдување со топлинска енергија со потрошувачите.
Сакаме да дадеме одговор и во однос на прашањата зошто во овој период не се испорачува топлина навечер и да потенцираме дека динамиката и интензитетот на греењето кое се испорачува е регулирано со мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија, кои и сега се исти како што биле и кога бил претходниот снабдувач.
Имајќи предвид дека на почетокот на грејната сезона односно после 15 октомври надворешните временски услови се променливи, тие се посебно третирани во регулативата поврзана со условите за испорака на топлинска енергија во овој период на годината. Испораката на топлинска енергија до крајните потрошувачи се одвива под јасно регулирани правила согласно законските и подзаконските акти.
Според правилата, снабдувањето со топлинска енергија на потрошувачите во месеците октомври и ноември, односно на почетокот од грејната сезона, зависи од надворешните температури и од атмосферските услови во различни периоди од денот.
Така, за периодот од почеток на грејната сезона до 15 ноември, доколку е времето сончево и мирно, а надворешната температура е повисока од 11˚С, во периодот меѓу 09:00 и 14:00 часот работата на котлите се прекинува.
Ако пак времето е облачно, котлите се гасат кога надворешната температурата ќе порасне над 14 степени.
Следно мерење се прави во 18:00 часот, и греење се вклучува ако температурата во 18часот е 15 или пониска од 15 степени.
Така што оваа грејна сезона не еништо поразлична од ланската или таа пред неа.
Повторно апелираме до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.
Во моментов во 26 објекти сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици. Подетални информации за моментално затворените објекти може да се добијат и на веб страната на ЕСМ, во одделот Снабдување со топлина . Соработката од страна на потрошувачите е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија.
За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, ги повикуваме потрошувачите да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100“.
извор: Влада