Отворени гласачките места за претседателските избори во Словенија

Со отворањето на гласачките места, утрово во Словенија започнаа седмите претседателски избори од осамостојувањето на земјата во 1991 година, на кои Словенците го бираат петтиот шеф на државата, известува Агенција Анадолија (АА).

Изборите се распишани на 20 јули и право на глас имаат 1.696.893 регистрирани Словенци. Гласачките места низ Словенија денес ќе бидат отворени од 7 до 19 часот.

Изминатите денови на 18, 19 и 20 октомври, на 76 гласачки места Словенците имаа можност да гласаат доколку се пријавиле за опцијата за предвремено гласање.

Во случај ниту еден од вкупно седумте претседателски кандидати да не освои мнозинство гласови, вториот круг избори, со учество на двајца кандидати кои освоиле најголем број гласови, ќе се одржи на 13 ноември 2022 година.

Во изборната трка за нов претседател на Словенија учествуваат пет мажи и две жени.

Меѓу кандидатите за претседател на Словенија се Милан Брглез, актуелен пратеник во Европскиот парламент, кого за таа позиција заеднички го кандидираа Социјалдемократите и Движењето за слобода, потоа Анже Логар, актуелен претставник во Државниот збор [парламент] на Словенија, кого го кандидираа д-р Романа Јордан и група гласачи, а кој ја има поддршката и на својата Словенечка демократска партија.

Кандидат на словенечките претседателки избори е и Јанез Циглер Краљ, дипломиран политиколог и актуелен пратеник во Државниот збор на Словенија, кого го кандидираше Нова Словенија – христијански демократи. Во трката за претседател на Словенија се кандидираше уште еден пратеник од Државниот збор на Словенија. Тоа е Миха Кордиш, дипломиран филозоф и книжевен компаративист, кандидат на Левицата.

Кандидатка за претседател на Словенија е и докторката на правни науки Наташа Пирц Мусар, инаку адвокатка која за кандидат беше предложена од Бисерка Маролт Меден и група избирачи. Меѓу кандидатите се и универзитетскиот професор д-р Владимир Пребилич, вонреден професор по одбрана, кандидат на ВЕСНА – зелена партија, и д-р Сабина Сенџар, доктор по медицина и специјалист по гинекологија и акушерство, кандидат на Граѓанското движење Ресни.ца.

Мандатот на претседателот на Словенија трае пет години, а функцијата е ограничена на два последователни избори. Доколку мандатот на претседателот истекува за време на војна или вонредна состојба, тој мора да ја напушти функцијата шест месеци по завршувањето на војната или вонредната состојба.

Досега функцијата претседател на Словенија ја извршуваа Милан Кучан (два мандата) од 1992 до 2002 година, Јанез Дрновшек од 2002 до 2007 година, Данило Турк од 2007 до 2012 година и Борут Пахор (два мандата) од 2012 до 2022 година.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).