Формулацијата „јазикот што го зборуваат 20% од населението“ не е поврзана со дневната политика, туку со навредлива дефиниција на албанскиот јазик која мора итно да се отстрани, порачуваат од Алијанса на Албанците по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој изјави дека е подготвен за разговори албанскиот да стане рамноправен со македонскиот јазик но под услов да се укинат „бадентеровото“ правило и таканарелчениот „Балансер“, објави Република.
-Проблемот од 20 проценти г. Мицкоски и другите мора еднаш засекогаш да го сфатат како што треба, тргнувајќи од самите себе, а никако да не ја збунуваат јавноста создавајќи амалгами со Балансер, којшто во суштина е алатка за планирање на вработувања во јавниот сектор за остварување на уставната обврска за соодветна застапеност на заедниците – велат од Алијанса, пренесува ТВ21.
Бадентер или таканареченото двојно гласање е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што беше воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии како што се војните во поранешна Југославија.
Овој механизам го носи името на неговиот творец Роберт Бадентер, поранешен министер за правда и поранешен претседател на уставниот суд на Франција.
Секое прекршување на овој механизам на консоцијална демократија би било ретроградно и би донело последици кои никој од нас не би ги посакал. Ако ова двојно гласање е „проблематично“ за некого, треба да се земе предвид дека многу земји слични на нашата го имаат регулирано ова прашање со дводомен парламент, кој треба да се стави на маса доколку во иднина се отвори ваква расправа.
-Го отфрламе секое условување кое ги разнишува темелите на нашата држава, изградена врз принципите на консоцијалната демократија. Ваквите условувања не можат да се сметаат поинаку освен како дневна политика за внатрепартиска употреба, за одржување на фотелјата наспроти предизвиците кои се подалеку/пошироко од Македонија и Европа – велат од Алијанса за Албанците.