Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, на седницата во Собранието на Република Северна Македонија, за избор на член на Владата на Република Северна Македонија, го претстави предлогот: Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа.
На почетокот од обраќањето, премиерот Ковачевски посочи на клучните определби и принципи на работата на Владата.
„Од самиот почеток, ја водам Владата со јасна цел како нејзин лидер со најмногу обврски и одговорности, но и креирам тим во којшто сите, без исклучок, без разлика од која партија или етничка припадност доаѓа, мора да работат, сработуваат, решаваат проблеми и целосно да ги почитуваат Уставот и законите, за што и преземавме света обврска.
Владата којашто ја предводам е демократска, реформска, проевропска Влада, целосно фокусирана и проактивно поставена кон предизвиците и наоѓањето вистински и одржливи решенија, за сите граѓани, во сите области. Ова е Влада во којашто не се зборува за оправдувања зошто нешто не може да се направи, туку работи единствено на тоа како и колку побрзо и подобро може да се најдат решенија, да се создаде вредност и да се заштитат и унапредат интересите на граѓаните и економијата. Во оваа Влада не се води дневна политика, во оваа Влада постои знаење, храброст и разум во барањето решенија на огромните проблеми. Оваа Влада интегрира и работи на единство, а не изолира и не прави поделби. Оваа Влада, со знаење и паметна политика единствено работи на заштита на државните и националните интереси и ги осудува и ги прави беспредметни сите интерни и екстерни провокации за лични или туѓи интереси, коишто имаат за цел безбедносна, политичка и економска дестабилизација на државата. Ние го правиме тоа што нам ни доликува. Тоа се покажа дека е вистинскиот клуч, во едни од најтешките моменти од нашето постоење, за нашата врата, кон нашиот успех како држава и како народ.
Затоа, во една ваква Влада може да има место, само за оние кои имаат вистински пиетет кон минатото, но не се заробени во него, кои гледаат подалеку од денес и кои во одлуките што се носат ги земаат предвид најголемите и најважни придобивки на блиската иднина. Бидејќи, ако денешнината припаѓа на денешните генерации, иднината им припаѓа и на нашите деца и на идните генерации“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, го нагласи значењето на реализацијата на евроинтеграциите како стратешката цел на државата, во којашто, како што рече, ќе се вклучи и Ристо Пенов кој има, исто така, јасни европски определби.
„Пред нас е исклучително важен период во којшто треба да се умее да се работи: вредно – по европски терк; обединувачки – во европски дух и храбро – да се носат одлуки, а не да се калкулира со лични рејтинзи.
Република Северна Македонија е пред историската шанса, да стане рамноправна земја членка на Европската Унија, а граѓаните: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци, други – да станат европски граѓани, со европски животен стандард и европски квалитет на живот. Ова е втората стратешка цел на државата, по членството во НАТО, за којашто од независноста, до денес, независно од осцилациите коишто се поврзани во конкретен момент за конкретна, оправдана причина – и денес, ја има најголема мнозинска поддршка од граѓаните.
Затоа европската цел е обврзувачка и за нас како Влада и за вас како пратеници и за сите политички субјекти во земјава, чијшто интерес се државата и луѓето, а не други и туѓи агенди. Знам за Владата, а верувам и дека овој пратенички состав, има висок државен и европски капацитет и дека заедно можеме да ги обезбедиме и сработиме интеграциите во Европската Унија“, додаде премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, изрази очекување дека владиниот тим ќе биде посилен и зајакнат со предложениот министер за локална самоуправа, Ристо Пенов.
„Значаен ресор за нашите општини, коишто за една година гледаме дека се распаѓаат кога ги водат неспособни градоначалници. Затоа предлагам, вистински човек, за вистинско место, во вистинско време.
Г-динот Ристо Пенов е синоним за успешен градоначалник, за макотрпна работа, за резултати и успех. Тој е потврда за скромност, чесност и работливост. Тој е човек кој интегрира, сработува и има визија, желба и знаење за подобри решенија за сите граѓани. За него најдобро говорат капиталните проекти во Скопје, улиците, мостовите, инфраструктурата, километрите нови патишта, тротоари, новите плоштади, поддршката на локалните бизниси, поддршката на културата. За неговиот поранешен успех говорат спортските сали, паркови, велосипедски патеки и рекреативни содржини. Но, јас денес не сакам да зборувам за него во минатото, туку за него во сегашноста и иднината. Очекувам и барам, г-динот Ристо Пенов да внесе дополнително знаење, искуство, посветеност, човечки и морално-етички вредности, да внесе поддршка на тимот и во својот, но и во другите ресори. И од него, како и од другите барам целосна посветеност, перманентна работа, искрен однос кон сите и чесен пристап кон граѓаните и државата.
Јас во него верувам и затоа и денес ја барам вашата поддршка. Затоа што со него, ќе направиме и повеќе и подобро. Затоа, ја барам и ја очекувам вашата поддршка, Ристо Пенов да биде новиот министер за локална самоуправа во Владата на Република Северна Македонија“, повика премиерот Ковачевски, при образложувањето на кадровското решение што го предложи пред пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.
извор: Влада