Габриел Бајрам дома ја издржа затворската казна за тепањето на келнерот

Габриел Бајрам советникот во Град Скопје и син на починатиот пратеник Амди Бајрам, од недела е слободен граѓанин. На 29 октомври годинава му истекува издржувањето на затворската казна од 3 месеци за насилство. Бајрам призна вина за тепањето на шанкерот и кршењето на инвентарот во угостителскиот објект Аквадукт на булеварот „Словенија” во Скопје. Кривичната пријава за Бајрам беше поднесена откако на семејна веселба во угостителски објект во Скопје, заедно со неговиот син, повреди еден од вработените и го кршеше инвентарот во објектот, објави МКД.мк.

Бајрам беше во притвор во Истражниот затвор во Шутка, а останатиот дел го издржа во куќен притвор во неговиот дом. Додека беше во куќен притвор доби дозвола да излезе за семејна веселба, односно за свадбата на неговиот син.

Во изречената казна од 3 месеци за насилство му се засметува и времето поминато во притвор и куќен притвор, што значи дека ако второстепениот, односно Апелацискиот суд не направи измени во одлуката, казната тој ја издржал дома.

„Лицето за кое прашувате е во притвор па потоа и куќен притвор, по предлог на Основното јавно обвинителство од 29.07.2022 година, се до правосилност на пресудата но не подолго од 29.10.2022 година. Исто како и што претходно ги информиравме медиумите кои се интересираа на темата, на тогаш обвинетото лице му беше издадена дозвола за времено одалечување од местото каде ја отслужува мерката куќен притвор од семејни причини“, стои во одговорот испратен од Основниот кривичен суд Скопје до МКД.мк.

извор: МКД.мк.