Спасовски за Сител: Државата е неатрактивна за мигрантите заради добрата стратешка поставеност на полицијата и заедничките акции со земјите од регионот и од ЕУ

0
192

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при гостувањето во дневникот на телевизија Сител беше запрашан за моменталната ситуација на јужната граница, со оглед на последните информации и анализи на Фронтекс дека годинава за три пати е зголемен бројот на мигранти на Балканската бегалска рута, што беше потврдено од страна на министерот Спасовски, дека има зголемување на мигранти кои се движат по Балканската бегалска рута, меѓутоа како што рече Спасовски, факт е дека РСМ стана неатрактивна земја за поминување.

„Од кој аспект? Од аспект на тоа што македонската полиција се постави добро на стратешко ниво и тоа на територија на целата држава, не само на границите. Ние имаме кризна состојба прогласена на јужната и северната граница, значи може да ги користиме сите можни капацитети на државата, и армиските, во овој дел. Второ, имаме билатерална акција со земјите од ЕУ и од регионот, со Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Австрија, Словенија, Хрватска и Србија, со коишто од 2015 година до денеска имаме заедничка акција во обезбедување на границата. И најважно за нас покрај обезбедувањето, да имаме размена на информации и податоци и да стигаат податоци како РСМ се справува“, рече Спасовски.

Според Спасовски, статистичките податоци покажуваат дека Северна Македонија се заобиколува и мигрантите се упатуваат по две други рути коишто функционираат, а тоа е рутата преку Албанија-Црна Гора-Босна и Херцеговина, а другата преку Бугарија и Србија.

„За првите 9 месеци во 2022 година ние имаме зголемување на обиди за преминување на нашата граница за 7% во однос на истиот период во 2021 година, меѓутоа имаме намалување за 27%, ако споредиме со периодот јануари-септември 2020 година”, информираше министерот Спасовски, при што како посебна карактеристика го издвои фактот дека 95% од обидите за илегално влегување во државата се од јужната граница, од Грција кон Северна Македонија, а 5% во обратна насока, од Србија кон Северна Македонија, потенцирајќи дека се работи пред сѐ за лица коишто доаѓаат од одредени региони со кои Србија има безвизен режим, и кои се обидуваат да влезат во РСМ, да одат кон Грција и понатаму низ другите рути по европските земји.

„Тоа е еден од предизвиците и практично ние за тоа и разговараме сега, тоа беше клучна тема во делот на безбедноста, во сите овие безбедносни форуми коишто ги имавме, Берлинскиот процес, Прашкиот процес, сега ќе имаме нов состанок на министрите за внатрешни работи во Тирана, итн, на коишто практично сите овие аспекти се разгледуваат, бидејќи е најважно да воспоставиме заедничка политика со сите држави и од регионот и од ЕУ. Големите безбедносни предизвици бараат сериозен и заеднички пристап. Нема држава која може да одбере механизам, начин итн, самата да се заштити, затоа што тоа не е можно, затоа спроведуваме заеднички политики со кои РСМ е целосно усогласена”, подвлече министерот Спасовски.

извор: МВР