Првпат се сретнала со иконографијата на 17 годишна возраст, но клучен е понатамошниот пат кој го сфатила како вистински предизвик. Следува „Националната Ликовна Академија“ во Софија, дипломирање, првата самостојно работа во ателје, средбата со професорот по иконографија од Атина, д-р Јоргос Кордис, кој станува нејзина најголема инспирација и кај кого посетува приватни часови во Солун. Понатаму, Славица продолжила на магистерски студии на Академијата за Уметност и Конзервација во Белград, кај проф. д-р Тодор Митровиќ, кој ѝ го поттикнал истражувањето и пронаоѓањето на сопствениот стил. По иницијатива на професорот Кордис била создадена интернационалната група „Икона“ во која членуваат еминентни имиња од областа на иконографијата од сите православни земји, а меѓу нив и Славица, па сè почести се и поканите за работа во Грција, Америка и Европа, како и изложбите на сите страни на светот. Во 2018. со своето портфолио се претставила кај Европскиот митрополит, владиката Пимен, кој и самиот е уметник, кој ја ангажирал да го слика параклисот на „Пресвета Богородица“ во Љубљана. Оттогаш нивната соработка не прекинала.
Речиси пред една деценија ја освои Грција со своите дела, но и Норвешка, Франција…Како Грците гледаа тогаш на Македонка – иконописец, а како денес? Како се случија твоите чести покани за ангажмани во Европа?
– По иницијатива на проф. д-р Ј.Кордис беше создадена интернационалната група „Икона“ во која членуваа еминентни имиња од областа на иконографијата од сите православни земји. Јас бев поканета да бидам член и претставник од Македонија. Тоа не беше никаков проблем за никого, ниту за некој од членовите на групата, ниту за некој од посетителите на нашите изложби. Никогаш не се спомнало тоа од каде сум, туку едноставно секој го гледал тоа што го работам. Јас работев и во тимот на професорот во две грчки православни цркви во Солун и во Америка, и никогаш нема да ја заборавам гостопримливоста и љубезноста на сите луѓе кои доаѓаа во црквата додека сликавме. Во ниеден момент не сум почувствувала некаква разлика затоа што доаѓам од Македонија. Зограф во Грција е многу ценета професија и таму луѓето со огромна почит гледаат кон тој што слика икони и фрески сметајќи го за благословен од Бога.
Со групата „Икона“ беа остварени многу изложби насекаде низ светот, и тоа беше еден прекрасен период во мојот живот во кој потполно бев посветена на иконата. Посетувавме симпозиуми, заедно сликавме, а на крајот од секој симпозиум имаше т.н. тркалезна маса каде се зборуваше за иконографијата во минатото и во денешните времиња. Такви дијалози, за жал, овде кај нас, сè уште нема. Затоа сум премногу благодарна што можев да бидам учесник на тие бесценети средби со познатите иконописци од различните држави од кои имав можност да впивам знаење и искуство. Во 2018 година, со моето портфолио се претставив кај Европскиот Митрополит Владиката Пимен, кој и самиот е уметник, и за моја среќа му се допадна моето дотогашно творештво, па реши да ми даде шанса и ме ангажираше да го сликам параклисот на Пресвета Богородица во Љубљана. Оттогаш нашата соработка не е прекината, многу добро се согласуваме, тој ја прави програмата што и како ќе се слика во црквата и кога е во можност ми е и помошник за основните работи, позадини, ореоли, орнаменти. Останатиот дел од фрескоживописот го работам сама.
Неодамна се врати од Дортмунд, Германија, со каков предизвик замина, а со каква мисла се врати?
– Заминав со предизвик со каков што вообичаено се среќава секој зограф. Кога ќе застанам среде белите ѕидови на црквата, се чувствувам како мравка која треба да се справи со огромен простор .Кога обемноста на работата е голема, се соочувам со предизвикот и тежината на отсуството од домот на подолго време и, секако, со сите работи кои ми недостигаат од дома, моето сакано ателје полно со слики, започнати платна, скици, црежи, многу бои, четки и секакви сликарски материјали, каде го поминувам секој слободен момент од денот. Работам секој ден од утро до вечер, на височина, на не секогаш удобно скеле и во мачни положби на телото. Потребна е огромна посветеност и фокус и речиси и да заборавам како е да се живее во нормален свет. Деновите изгледаат исто и непроменливо. Единственото нешто што се менува е просторот на храмот, почнува да добива лице и облик, и понекогаш од необјасниви причини се случува сè да станува убаво. И борбата со линиите и боите во бескрајните часови работа се претвораат во единство и убавина. Се работи со душата и со срцето. Сепак, овие долги денови на работа имаат нешто уникатно и шармантно. Полека, како што белината околу мене се намалува и просторот се исполнува со светителите, а во црквата доаѓаат посетители чија радост се чита од нивните лица, се заборава сиот тој умор и доаѓа повторно сила за работа. Таа мисла секогаш ме радува кога ќе се вратам дома и кога после напорната работа одмарам. Се радувам искрено дека луѓето кои ќе го посетат храмот ќе ја најдат својата утеха, душевен мир и ќе се чувствуваат убаво што се во друштво со светиите кои литургиски ќе земат учество во црковниот живот.
Што се случува со иконографијата денес? Дали строго ги следи каноните или постепено се менува?
– Уште во 9 век патријархот Фотиј запишал дека зографот треба да најде сликарски начини кои треба да бидат свештено достојни за да ги наслика иконите-образот на светците. Со други зборови, сликарското создавање на иконите не е самоволен избор на зографот туку се потчинува и ги следи потребите на телото на црквата. Сите ние треба да ја зачуваме иконографската традиција со запазување на образот на насликаните светци. Така се зачувува единството на верата и црквата на едно визуелно ниво. Стилот може да претрпи разни промени,како што впрочем тоа се случувало низ вековите. Византискиот стил на сликање е ненадминат и од голема важност бидејќи неговите ликовни решенија имаат огромна функционалност во прикажување на духовното,односно создавање на естетска врска меѓу иконата и набљудувачот.
Никој од нас не менува канони, туку во сооднос со каноните се обидуваме да работиме на еден покреативен начин, размислувајќи како византиските мајстори во нивното време. За среќа, во последно време веќе и во Македонија постојат зографи кои почнуваат да работат на еден послободен начин, нешто што е многу убаво и според мене така сите оставаме свој сопствен печат во времето во кое живееме.
Дали иконата треба да бара дијалог со современиот човек или за неа е поважен дијалогот со вечноста?
– Христос е ист и вчера и денес и утре, што значи секогаш е современ. Затоа ние зографите немаме потреба да го уподобуваме Христа кон човекот од век во век, туку човекот треба да се уподоби на Христа. Бидејќи токму тоа уподобување е смислата на нашиот живот, преку живеењето во овој свет да се подготвиме за живот во Царството Небесно. Иконата е еден прозорец низ кој ѕиркаме во вечноста, затоа слободно би кажала дека низ тој прозорец сме повикани на дијалог. Дијалог на современиот човек со Бога во вечноста.
повеќе на espreso.mk