Под влијание на нов голем влажен воздушен бран од запад и од северозапад, утре (петок) од претпладневните часови од запад ќе се прошируваат врнежи од дожд кои во попладневните и во вечерните часови ќе ја зафатат целата територија на Македонија. Локално и особено во западните предели врнежите ќе бидат обилни, и проследени со ретки грмежи. Локално ќе наврне значително количество на воден талог (над 30/40 литри дожд на метар квадратен), особено во западните предели.
Утре (Петок) во текот на денот и вечерта ќе дува засилен до повремено силен ветер од јужен и од југозападен, а потоа и од западен правец (повремено и локално со брзина од над 80/90 км/час). Повторно апелирам да се избегнува граѓаните да ги ставаат своите автомобили во близина на дрвјата.
Поради продор на значително поладен воздух од север, ноќта петок кон сабота и во сабота (23.11.2024) претпладне најпрвин на повисоките места и на планините, а потоа и во пониските места (градовите), и тоа особено во северните и во западните предели од Македонија врнежите од дожд ќе преминат во врнежи од снег и се очекува формирање на снежна покривка, особено на планините и на повисоките места, а мала снежна покривка е можно да се формира и во градовите во северните и во западните предели од Македонија.
Во Скопскиот регион исто така утре (петок) ќе дува засилен до силен ветер од јужен и од југоисточен правец. Во текот на денот и вечерта ќе започнат врнежи од дожд кои поради продор на значително поладен воздух од север, особено на околните планини и во повисоките предели од котлината ќе преминат во врнежи од снег. Не се исклучува можноста по некоја снегулка да провее и во пониските предели од котлината во сабота рано наутро и претпладнето (23.11.2024).
Од ноќта петок кон сабота, како и во сабота на 23 Ноември ќе дува силен ветер од северен правец (повремено и локално со брзина од над 70/80 км/час).
Што се однесува до температурите, тие утре (петок) ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 14 степени, додека ноќта кон сабота значително ќе опаднат и во сабота наутро тие ќе се спуштаат во интервалот од -5 до 4 степени, додека максималната температура во сабота ќе се искачува во интервалот од 1 до 11 степени во најтоплите југоисточни предели.
Во сабота во текот на денот ќе имаме разведрување и стабилизација на времето, па токму поради разведрувањето, во недела наутро ќе биде многу студено со умерени до јаки мразеви и температури кои ќе се спуштаат во интервалот од -10 до -1 степен, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски.