Мицкоски до Ковачевски: Лидерска средба за решавање и надминување на проблемите со кои се соочуваат граѓаните, а не за уставни измени

Покана се уште немаме добиено и не го знаеме форматот на лидерската средба, не ја знаеме содржината и темите на кои што би се разговорало, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ проф. д-р Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе присуствува на лидерска средба откако вчера Димитар Ковачевски повика на истата.

Претседателот Мицкоски испрати совет до владата потенцирајќи им доколку се одржи лидерска тема тогаш да се разговара за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, односно за нивно решавање и надминување, додавајќи дека доколку власта мисли дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне да разговара за уставните измени тогаш очигледно е дека се лаже, бидејќи како што рече тоа ставот на ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени е познат во јавноста, односно не прифаќаат уставни измени под овие околности.

Мојот совет до владата и до Ковачевски е доколку се случи таа лидерска средба да разговараме за она кое што е навистина голем проблем за граѓаните, тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати, ниските пензии, високите сметки кои ги плаќаат граѓаните, инфлацијата, енергетската криза која што со паѓањето на температурата веќе ќе ја почувствуваме сите, тоа се оние суштински проблеми кои и според мерењето на јавното мислење, но и општествено вака што можеме да ги слушнеме од граѓаните се актуелни. И како одговорни политичари треба да разговараме за надминување и решавање на тие проблеми, вели Мицкоски.

Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат како што е за промена на Уставот, па дека ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па сега ние ќе зборуваме за нешто што е познато и константа во јавноста, тогаш се лаже, бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат во јавноста, а тоа е непроменлив, односно дека под овие околности промена на Уставот нема, дециден е Мицкоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ