Груби: Охридскиот договор ги унапреди правата на заедниците, поставуваме еднакви стандарди за сите

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, г-дин Артан Груби денеска учествуваше на Самитот за Западен Балкан против расна дискриминација, организиран во Приштина под покровителство на премиерот на Република Косово, г. Албин Курти, во присуство на високи претставници од земјите од регионот.

Груби во својот говор пред учесниците ја покажа хронологијата на развојот на анти дискриминациските настани во Северна Македонија, споредувајќи ги состојбите почнувајќи од 2001 година па сé до достигнувањата во последните години.

Тој понатаму нагласи дека Охридскиот договор ги воспостави стандардите за правична и загарантирана институционална застапеност на Албанците во Северна Македонија, додавајќи дека целите на поранешните генерации, кои изгледаа како соништа, сега нивните права и слободи ги уживаат со нивните сонародници и Албанците.

Базирајќи се на конкретни статистички податоци, тој зборуваше за правичната институционална застапеност на Албанците, образованието на мајчин јазик, отворањето на универзитети на албански јазик, како и унапредувањето на социјалниот дијалог, случаи кои ги претстави како успеси кои можат да им послужат и на институциите на Република Косово.

Во продолжение Ви го пренесуваме говорот во целост:

Почитуван премиер на Република Косово, г. Албин Курти

Почитувани амбасадори, почитувани министри, претставници на граѓанскиот сектор, почитувани присутни, Ви благодарам на поканата.

Би сакал да Ви говорам за искуството низ кое помина и поминува Северна Македонија, кое има многу да им понуди на другите земји како модел за соживот.

До 2001 година, етничката дискриминација беше главен збор на политичката елита на мнозинската заедница и метод за добивање гласови преку влевање страв од другиот.

Сé се смени со постигнувањето на Охридскиот мировен договор и уставните измени.

Денес, во Северна Македонија се трудиме да поставиме стандарди за почитување на сите заедници, со цел истите да имаат можност да го изразат и негуваат својот идентитет, како што се јазикот, образованието, идентитетот и културата, а истовремено имаме механизам кој им овозможува и еднаков пристап до институциите, имено, како што ние го нарекуваме, правична и соодветна застапеност, како и спречување на мајоризација преку двојното мнозинство во Собранието и општинските совети.

Унапредувањето на правата на заедниците во Република Северна Македонија е направено благодарение на Охридскиот рамковен договор од кој потекнуваат принципите и правната основа за загарантираните права.

Морам да нагласам дека принципите на Охридскиот договор имаат универзален карактер, така што, покрај официјализирањето на албанскиот јазик, со овој Договор им е овозможена комуникација на нивниот мајчин јазик и на заедниците, како турската, ромската, босанската и српската во некои општини, и тоа како службен јазик, вклучувајќи ја и употребата на државното знаме на заедниците.

Исто така, на сите заедници со устав им е загарантирано правото на образование на мајчин јазик.

Етаблирањето на стабилни механизми и создавањето можности за афирмација на заедниците во општествениот, културниот и политичкиот живот е секојдневно.

Еден од механизмите кај нас се нарекува „балансер” и со него се регулира правичната и соодветна застапеност во државната и јавната администрација и со истиот е даден поттик на вработувањето на заедниците, односно зголемување на нивниот процент во администрацијата, кои претходно беа далеку од процентот на нивниот официјален број во претходните пописи на населението.

Ова не важи само за Македонците и Албанците, туку и за сите други, а тоа допринесе да дојдат до израз и Власите, Ромите, Турците, Босанците и Србите.

Ако порано малите етнички заедници речиси и да не беа опфатени од статистиката, сега тие се чувствуваат поживи во последните статистички податоци од јануари 2022 година.

Доколку се спореди со етничката структура произлезена од пописот, ќе се види дека во некои заедници процентот на застапеност се приближил до оној на нивното учество во вкупниот број на жители.

За заштита и унапредување на правата на заедниците, Северна Македонија го формираше Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Почитувани,

Нашата континуирана посветеност да имаме хармонично општество меѓу етничките заедници доведе до елиминирање на случаите кога: родителите беа подготвени да ги испратат своите деца во подалечно училиште бидејќи во најблиското училиште има многу ученици Роми, кога училиштата беа одвоени во прва и втора смена на етничка основа или училишната зграда беше поделена на два дела.

Помина тоа време кога се плашевме дека комуникацијата меѓу лицата од различни етнички заедници може да предизвика инциденти.

Горчлива вистина е дека имало родители кои протестирале против отворањето паралелки на друг јазик бидејќи не сакале нивните деца да имаат контакт со ученици од друга етничка припадност, кога лекарите и медицинските сестри исто така ја прекршиле Хипократовата заклетва со тоа што одбиле да дадат соодветен третман на пациентите Роми, кога некои сопственици на дискотеки или барови, забрануваат влез на припадници од ромска националност…ретки случаи, но тоа се случуваше.

Лојалноста на граѓанинот кон државата зависи од тоа колку државата е полојална кон граѓанинот, толку граѓанинот е полојален на државата.

Од една страна, законодавството, како основа за елиминирање на дискриминацијата врз етничка, расна, религиска, јазична основа итн. мора да биде придружено со тешкиот процес на ослободување на секој човек од предрасудите што ги има за другите.

Ви благодарам на вниманието!

 

извор: Влада