Ако уште денеска не почне обуката на веќе избраните 8 кандидати за контрола на летање, контролната кула на аеродромот во Скопје за две години може да се затвори, а директорите на М-НАВ ќе бидат одговорни за состојбата, вели Наташа Мијат Крстевска, претседателка на Здружението на контролори на летање, откако стана јасно дека тројцата директори на М-НАВ се обидуваат да го поништат конкурсот за вработување на 8 контролори на летање.
Директорите, кои според Здружението, се под притисок од надвор, не дозволуваат да почне обуката на кандидатите избрани на конкурсот со образложение дека данскиот центар за обука на контролори не ги доставил сите документи од изборот на кандидатите, објави plusinfo.mk.
– Во Контрола на летање, и посебно контрола на кулата, одамна функционираме под минимум на кадар за нормално функционирање. Вработените се преоптоварени, па дури не можат да си дозволат да бидат на боледување, или да користат одмор повеќе од 10 дена, бидејќи нема замена за нив. Тоа го знаат и нашите претпоставени и затоа е објавен овој конкурс. Овој избор на кандидати е за пополнување на места во контролата на кулата. Токму затоа инсистираме веќе избраните кандидати на актуелниот конкурс да почнат да се обучуваат и за две години, колку што е потребно тие да почнат сами да работат, да ги имаме на кулата. За нас е нејасно зошто директорите одолговлекуваат со постапката. Нашите сомневања се дека, и покрај тоа што меѓу одбиените деца имаше и деца на наши двајца директори, сепак не е тоа главниот проблем, туку проблем е тоа што тие имаат притисок од повисоки инстанци за вработување на деца на други луѓе и затоа се одолговлекува процесот за да се поништи конкурсот – вели Крстевска.
Според неа, ако се поништи овој конкурс и тендер за избор на тренинг центар новиот избор би се случил дури по две години, а тоа е долг период во кој не се знае колку од сегашните вработени контролори ќе останат на работа.
Таа апелира да не се пропуштат последните селектирани 13 кандидати кои се оценети како најуспешни на конкурсот бидејќи светската статистика говори дека само 2 отсто од кандидатите имаат природни својства да ги поминат тестовите и да бидат успешни контролори на летање.
Текстот во целост на: plusinfo.mk.