360stepeni: Законот за високо образование пред измени – Се враќаат ли контроверзните предлози поради кои изникнаа пленумите пред седум години?

Ректорот на најголемиот универзитет во земјава, „Св.Кирил и Методиј“, потврди дека предлози за измени се доставени без да ги разгледа Сенатот бидејќи така барал министерот за образование. Од МОН, пак, велат дека иницијативата за измени потекнува од Министерството, но нема дефиниран конкретен предлог туку дека предлозите се уште се разгледуваат и сите издржани ќе бидат предложени до Владата
Измените на Законот за високо образование ги покренаа протестите во 2015 година. Смислата на овој документ сега е враќање на 2015 година, на законот од времето на Никола Груевски, вели професорот Тони Дескоски.

Законот за високо образование до крајот на годината би можел да претрпи измени за кои дел од академската фела веќе критикува дека се подготвуваат нетранспарентно и на врата ги враќаат контроверзиите што во 2015 година предизвикаа протести и формирање на професорски и студентски пленум,  објави 360stepeni.mk. 

Станува збор за предлози кои во форма на забелешки на Законот се разгледани единствено од Интеруниверзитетската конференција и се доставени до Министерството за образование и наука. Тие, според сознанија на „360 степени“, се однесуваат на одземање на правниот статус на факултетите во рамките на еден универзитет и концентрирање на моќта кај ректорот, одземање на ингеренциите на одлучување и управување на Сенатот и ректорската управа и нивно сведување на советодавни тела, изземање од трезорската сметка на средствата прибрани од партиципација и школарина од студентите што би значело дека државата ќе нема увид во тоа како се трошат овие пари. Понатаму се предлага продолжување за една година на мандатот на ректорите, деканите, продеканите и сенаторите, како и воведување на број на објавени трудови со импакт фактор во реномирани списанија за доцент, вонреден и редовен професор.

Тони Дескоски, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, на својот фејсбук-профил објави статус во кој вели дека сосема случајно дознал дека некој во име на Универзитетот поднел некаква иницијатива за измена на Законот за високото образование од 2018 година.

„И многу намерно на авторите на таквата измена им пречело тоа што средствата прибрани од партиципација и школарина од студентите се опфатени со трезорското работење, па барале нивно изземање од трезорот. Па уште им пречело тоа што мораат да добијат согласност од Министерството за финансии за нови вработувања, иако сите вработени на Универзитетот платата ја примаат од Буџетот“, пишува Дескоски на Фејсбук.

Според него, со овие забелешки се бара и продолжување на мандатот од 3 на 4 години на Ректорите, деканите, продеканите и сенаторите.

„За жал не разбрале дека дури и кога би се усвоила таквата измена, не би ги опфатила лицата избрани по сегашниот Закон за високо образование“, додава Дескоски.

Исто така, Дескоски вели дека со новите забелешки на факултетите им се забранува статусот да бидат правно лице.

Текстот во целост на: 360stepeni.mk.