„Изразувам огромна благодарност за сиот професионален и стручен ангажман на тимот, кој сиве овие години работеше синхронизирано, и со една цел – враќање на иконите во земјава. Исто така, изразувам благодарност и до албанската страна со која бевме во постојан контакт, постојано разменувавме информации и стручни мислења“, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Владата на средбата со новинарите по повод враќањето на 20 икони од Република Албанија и потпишаниот Договор за соработка.
Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата што ја одржа заедно со историчарот на уметноста, д-р Сашо Цветковски, од МАНУ, упати благодарност до сите стручни лица од: Министерството за култура на Република Северна Македонија, Управата за заштита на културното наследство, МАНУ, Националниот конзерваторски центар, Заводот и музеј Битола и Заводот и музеј Охрид, кои во изминатите девет години беа вклучени во реализацијата на овој комплексен процес на реституција.
Костадиновска-Стојчевска и Цветковски истакнаа дека по успешната реституција на 20-те икони, во Албанија се идентификувани уште 37 икони за кои ќе следува процес на реституција, а искуството од овој процес уверува дека постапката нема да трае десет години.
Костадиновска-Стојчевска напомна дека овој процес има посакуван епилог благодарејќи и на професионалноста во почитувањето на одредбите од Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година „за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра“, чии потписнички сме и ние и Република Албанија.
Министерката за култура додаде дека се работи за комплексни процеси, кои на општо задоволство се финализирани со потпишувањето на овој Договор.
За конечно враќање на иконите, информираше таа, потребно е двете собранија да ги ратификуваат договорите, по што ќе се реализира и физичкото враќање на иконите во земјава.
„Оваа постапка е секако успех, но и опомена дека треба да вложиме напори да го заштитиме културното наследство за да не биде предмет на кражби кои би резултирале со негово незаконско изнесување од државава“, рече Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека со оглед на тоа што најчесто цел на незаконските изнесувања се археолошките предмети и иконите, мора да се зголемат мерките за поголема безбедносна заштита на овој вид културно наслество.
„Заштитата на културното наследство е наша најголема одговорност, на секој поединец и на сите институции. Сите сме должни, секој во својот домен, да се грижиме и да го чуваме националното богатство. Во тој контекст, Министерството за култура и стручните установи за заштита на културното наследство изразуваат подготвеност за поголема соработка со МПЦ. Со оглед на тоа што голем дел од сакралните објекти се во непристапни и недоволно населени простори, тие се во ризик. Остануваме отворени за соработка и во делот за користење на деопата на нашите национални установи за привремено депонирање на вредното културно наследство со кое располага Македонската православна црква“, истакна министерката за култура.
Сашо Цветковски од МАНУ, кој е дел од тимот во сиве изминати години и беше дел од постапката за враќање на иконите, детално образложувајќи го целиот процес на реституција, кажа дека разговорите се интензивирале во последната година со што се доби можност за првпат во историјата на нашата држава да се потпишува ваков договор и да се воспоставува систем на соработка во оваа сфера.
„Чинот на реституција на иконите е историски бидејќи и во 70-тите години од минатиот век се правеле обиди за враќање на културно наследство, но тие не биле успешни, така што вчерашниот чин добива значење“, истакна Цветковски.
Тој го наведе и бранот на насилно влегување во црквите во југозападна Македонија, кога беа украдени голем број икони и црковни предмети, а по увидот во галеријата во Тирана во 2013 година, се констатирало дека има многу македонски икони што се чуваат во Албанија.
„Во декември 2013 година, со стручни екипи и со лица од МВР, отидовме во Тирана за да направиме увид на иконите, видовме дека има илјадници предмети украдени од
Албанија, Грција и Македонија. Предноста беше што нашата држава има студиозна и квалитетно изработена евиденција на иконите како културно наследство. Тоа ни беше од голема полза. Исто така, Центарот за културно наследство при МАНУ има голем број истражувања, така што имаме целосна слика за иконите како културно наследство што ги поседуваме“, појасни Цветковски.
Тој ги поздрави заложбите на Министерството за култура за заштита на културното наследство, но истакна дека на 90 проценти од иконите им е потребна заштита.
Цветковски истакна дека има многу значајни икони, меѓу кои и иконата на Дичо Зограф што вчера ја презентираа министерките за култура на Северна Македонија и на Албанија како симболичен гест, особено поради тоа што следната година се навршуваат 150 години од раѓањето на овој исклучителен зограф.
извор: Влада
фото: Архива