Од неговиот имот во Флорида, поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, официјално објави дека влегува во трката за нов претседателски мандат на изборите во 2024 година.
Објавата на кандидатурата следува една недела по среднорочните избори во САД на кои републиканците не успеаја да ги освојат посакуваниот број места во Конгресот, ниту пак, да ја преземат контролата во Сенатот.
„Со цел да ја направам Америка повторно голема, вечерва ја објавувам мојата кандидатура за претседател на САД“,
рече Трамп пред толпата поддржувачи.
Неговиот говор траеше повеќе од еден час и порача дека од денеска, па до денот на изборите во 2024 ќе се бори како никој досега.
„Ќе ги победиме радикалните леви демократи кои се обидуваат да ја уништат нашата земја одвнатре“,
рече Трамп.
Покрај критиките кон актуелната администрација на чело со претседателот Џо Бајден, тој во обраќањето повторно го истакна неговиот антимигрантски став, најави дека ќе се заложи за смртна казна за дилерите на дрога и дека повторно ќе ги вработи припадниците на војската кои беа отпуштени затоа што одбија да се вакцинираат против ковид-19.
Во неговиот говор не зборуваше за насилниот обид неговите поддржувачи на 6 јануари 2021 да го спречат Конгресот да ја потврди победата на Бајден на минатите избори.
Коментирајќи ја истрагата против него која беше отворена неодамна поради сомнежи дека неовластено чувал доверливи документи во својата резиденција на Флорида, пак, рече дека е жртва.
Говорот го заврши со барање поддршка од поддржувачите велејќи дека ова не е само кампања туку потрага за спас на земјата.
360stepeni.mk