Една од пет компании стравува за својот опстанок поради тоа што клиентите доцнат или не ги плаќаат побарувањата. Ова го покажало истражувањето на меѓународната групација за наплата на побарувања EOS, „Европски платежни практики 2022“, во кое биле анкетирани 3.200 финансиски директори од 16 европски земји. Постојат различни причини за овие лоши практики на плаќање. Многумина од оние кои доцнат имаат финансиски тешкотии. 60 отсто од компаниите велат дека причината поради која нивните деловни клиенти не плаќаат е тоа што тие самите се соочуваат со неисполнување на плаќањето од страна на нивните клиенти. 43 отсто сметаат дека несолвентноста е причина за недостатокот на ликвидност.
‒ Загрижувачки е што практиките на плаќање толку многу се влошија само во првата половина од годината. Особено затоа што во светлината на тековните економски бројки и високата инфлација, мора да очекуваме натамошен пад на приходите од плаќања – изјави Марвин Рамке, извршен директор на групацијата EOS.
Како се влошувала наплатата, така растел бизнисот за наплата на долгови. Од 2019 до 2022 година, процентот на европски компании кои работат со надворешни даватели на услуги за поврат на ненаплатените побарувања се зголемил од 42 на 46 проценти!
Еос матрикс ДООЕЛ Скопје е дел од групацијата EOS, која е водечки финансиски инвеститор со главна дејност управување со побарувања преку активности на откуп и наплата на обезбедени и необезбедени побарувања, како и меѓународна наплата на побарувања.
Порталот Пари анализира како расте бизнисот со наплата на долгови, во време кога долговите стануваат сѐ почест проблем. Податоците потврдуваат дека и кај нас, компаниите за наплата на долгови имаат повеќе работа и остваруваат поголеми добивки.
Колку за илустрација, го претставуваме работењето на три најпознати во јавноста кај нас компании за наплата на долгови.
КОМПАНИЈА |
ПРИХОД ВО 2021 ГОДИНА |
ПРИХОД ВО 2020 ГОДИНА |
ДОБИВКА ВО 2021 ГОДИНА |
ДОБИВКА ВО 2020 ГОДИНА |
ЕОС МАТРИКС ДООЕЛ Скопје |
3,1 милиони евра |
2 милиони евра |
1 милион евра |
375.000 евра |
МЕЛОН СОЛУШНС ДООЕЛ Скопје |
2,5 милиони евра |
2,6 милиони евра |
230.000 евра |
155.000 евра |
КОЛЕКТА НП ДООЕЛ Скопје |
495.000 евра |
476.000 евра |
157.000 евра |
144.000 евра |
На официјалната страница на Еос матрикс е објаснет нивниот принцип на работа, кој им овозможи скок на приходите од 2 милиони евра во 2020 година на 3,1 милиони евра во 2021 година, како и скок на заработката од 375.000 евра на 1 милион евра.
„Едноставно е. Сте купиле нешто од некоја компанија или сте зеле заем и не сте ја платиле сметката. Едноставно, можеби сте заборавиле. Сега таа компанија побарала наша помош. Затоа нашето име е на писмото. Но, во нашето писмо ќе го најдете и името на првобитниот доверител. Само погледнете во писмото. Што следува сега? Ќе Ви помогнеме да го платите задолжувањето. Сѐ што треба да направите е да стапите во контакт со нас. Заедно ќе најдеме решение што им одговара и на двете страни. Нашата цел е свет без долгови. Ние би сакале да Ве ослободиме од Вашите долгови. Драго ни е да Ви помогнеме. Само стапете во контакт со нас“, порачуваат од Еос.
Мелон Солушнс ДООЕЛ е членка на групацијата Мелон, со седиште во Атина и преку 6.000 вработени во 12 земји. На страницата на Македонската асоцијација за информатички технологии, МАСИТ, пишува: „Мелон Солушнс е главно ориентирана кон следните три области: продажба на производи и услуги претежно наменети за банкарскиот сектор, финансиски институции и другите организации.“ Така, таа опфаќа поширока дејност. Приходите во 2021 година ѝ биле 2,6 милиони евра, во 2020 година 2,5 милиони евра, а добивката ѝ скокнала од 155.000 евра на 230.000 евра.
Колекта НП ДООЕЛ едно време беше неславна, затоа што преку неа одеше наплата на долгови на ЕВН. Сега, таа има помал обем на работа во однос на претходните две компании и лани направила приход од 495.000 евра, што е малку повеќе отколку во 2020 година, и реализирала добивка од 157.00 евра, што исто така значи мал скок во однос на 2020 година.
Целата анализа е достапна на: Пари