Три години се градат два километри автопат кон Косово

0
274

Потребни се половина час возење за 20-тина километри од Скопје до границата со Косово, исто толку за 65 километри по новиот автопат од границата до Приштина. Првата, полесна делница од автопатот кон границата со Косово се гради скоро три години. Комплицираната допрва ќе се гради.

Од автопатот од Скопје кон Косово завршено е само промотивното видео како би изгледал. Веќе трета година се гради првата, полесна, делница од 2 километри, која според првичните најави веќе требаше да биде „разгазена“. За покомплицираната делница од 10 километри засега има само јавен повик.

Патот кон Косово има по една лента во двата правци, еден неосветлен тунел и е полн со крпеници и ѓубре од двете страни. Ограничувањето на брзината е од 60 до 80 километри на час. Поради многуте камиони, често се претекнува на недозволени места, па возењето е уште понебезбедно. Дневно просечно минуваат по околу 7000 возила.

Потребни се половина час возење за 20-тина километри од Скопје до границата со Косово, исто толку за 65 километри по новиот автопат од границата до Приштина.

Автопатот „Арбен Џафери“ во Косово, долг 65 километри, почнува веднаш по скромниот граничен премиер Блаце – Елез Хан. Поминува низ живописен терен во Качаничката клисура, а на одредени делници целиот е на столбови и е всушност над реката Лепенец. Таму се наоѓа и најдолгиот мост на Балканот од 6 километри.

Автопатот од Скопје кон Косово се планира веќе две децении, го ветуваат речиси сите влади, а во 2020 година почна да се гради првата, полесна делница од 2 километри. Според најавите, уште од лани требаше да се вози по неа.

Важноста за подобро поврзување со Косово ја нагласува и тоа што се работи за еден од најзначајните трговски партнери на Македонија и една од ретките земји во кои повеќе извезуваме отколку што увезуваме. Само во првите девет месеци од годинава, во Косово се извезени стоки во вредност од 290 милиони евра, а увозот бил 80 милиони евра.

 

 

Радио Слободна Европа