Католичката црква во Италија денеска го објави првиот извештај за наводно сексуално злоставување од страна на свештенството врз малолетници и ранливи возрасни лица, но здруженијата на жртви велат дека реалниот број случаи е веројатно многу поголем, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во првиот извештај на Италијанската бискупска конференција (ЦЕИ), објавен на 41 страница, се наведува дека во двегодишниот период 2020 – 2021 г. се откриени 89 жртви, меѓу кои 61 малолетно лице. Злосторствата ги извршиле 68 наводни злоставувачи, меѓу кои и свештеници, монаси, но и верски учители, челници на католички канцеларии и претседатели на непрофитни организации.
Според првиот извештај, повеќето жртви биле на возраст од 15 до 18 години кога биле малтретирани. Шеснаесет од жртвите биле возрасни лица кои црквата ги сметала за „ранливи“. Тврдењата главно вклучуваа несоодветен јазик, однесување и допирање. Меѓу наводните злоставувачи имало и свештеници, како и црковни работници и вероучители.
На прес-конференцијата одржана вчера, високи црковни претставници рекоа дека истражуваат повеќе од 600 случаи на сексуално злоставување што биле поднесени во Ватикан од 2000 година.
Сепак, здруженијата на жртвите ги осудија ограничувањата на извештајот, кој опфаќа само две години и не вклучува истражување во архивите на Ватикан.
Здруженијата на жртвите сè уште се борат да добијат целосен извештај за злоупотребите извршени во црквата, повикувајќи на независна истрага која треба да опфати многу децении, како што се случи во други земји како Франција и Германија.
Извештајот на Ватикан се заснова на податоци кои доаѓаат од таканаречените „центри за слушање“ во епархиите, но ги вклучува само информациите од жртвите кои ги осудија злоупотребите.
Групата преживеани во Италија, Рете Л’Абусо, проценува дека има околу 1 милион жртви во Италија. Нејзиниот шеф, Франческо Занарди, го критикуваше извештајот како „апсолутно незадоволителен и срамен“.
„Ако за две години добиле 89 жалби, тоа значи дека проблемот е таму и е голем“, додаде тој.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).