„360 степени“ испрати речиси идентични прашања за изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО за ГОКК до амбасадите на САД, ЕУ и Холандија како докажани партнери на земјава во реформите во правосудството и борбата против корупцијата. Никој не честита на изборот, а амбасадорката на САД упати и јасни и остри критики
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер, остро го критикува изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на барањето на „360 степени“ за став за целиот процес и епилогот од него. Како ретко кој дипломат на САД, па и воопшто кој било дипломат во земјава, таа изразува отворено незадоволство од начинот на кој Ислам Абази стана шеф на обвинителството што треба да ја предводи борбата против корупцијата.
Во писмениот одговор на нашите прашања, јасно се вели дека амбасадорката и Амбасадата очекувале повеќе и поради милионите долари потрошени во обуки на обвинителите кои, патем, самите гласаа за шеф на ОЈО за ГОКК. Се додава и дека граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политичкото мешање нема место во овие постапки.
„Ние, во Амбасадата на САД, секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки на ‘мала врата’ треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“,
одговори амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер, на прашањето на „360 степени“.
Речиси идентични прашања по повод изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО за ГОКК, „360 степени“ упати и до Амбасадата на Кралството Холандија и до Делегацијата на Европската Унија во земјава.
360stepeni.mk