Мицкоски на годишната конференција на УМС: Бидете бестрашни борци за идеалите за кои вреди да се борите, тешко ми е кога гледам дека главниот протест е за оброк кој владата им го зема од уста

Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја одржува 31 Годишна конференција, годинава под насловена „Енергија, надеж, иднина“.

Настанот во Македонската филхармонија го отвори претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Тој рече дека му е особено чест, бидејќи и своите први чекори ги направил токму во оваа унија.

Тоа се првите наши чекори, првите допири со политиката, првата шанса да се учествува во процесите за менување на реалноста, првите обиди да го дадете вашиот влог кон татковината, првото вистинско запознавање на организацијата во која постои духот на столетната борба за Македонија. Со задоволство се раскажуваат битките за идеите, големата пожртвуваност и преданост кон делото кое кратко се опишува со буквите кои се посебен код за Македонецот и ги изговараме со особена почит и емоција – ВМРО. И ВМРО тогаш и ВМРО-ДПМНЕ денес не би било толку силно, ако го нема потенцијалот, силата на прогресот, идеите срочени во младите. И кога зборувам за Унијата на млади сили не мислам само на младите луѓе како индивидуи подготвени да разменуваат идеи и да реализираат свои креации и замисли, туку и како луѓето кои се идниот столб на партијата во чија најдлабока суштина е развојот на Македонија, иднината на нашата татковина, нашите животи, нашите семејства, емотивно започна Мицкоски.

УМС е и енергија, УМС е и надеж, и УМС мора да биде сигурна иднина.

Иднина за која ќе се избориме и иднина што ќе ја заслужиме. И немојте да живеете со помислата дека постои нешто како незаслужена победа. Таа мора да дојде со многу труд, со многу посветеност и низ еден процес за постојани битки и докажувања, на константен натпревар и вложување. И ќе бидете успешни само доколку бидете свои, ќе бидете носители на развојот само доколку влезете со целото срце и енергија за да го постигнете успехот што го посакувате. Нам не ни требаат луѓе што ќе климаат со главите и ќе го потврдуваат мислењето на соговорникот, туку кои ќе покажат пркос и аргументи, не дебата на голи фрази, туку решителност поткрепена на знаење и идеи. Таквото УМС утре може да ја движи Македонија, потенцира Мицкоски.

Тој рече дека младите ја имаат неговата поддршка во остварувањето на сонот кој треба да прерасне во реалност.

Сосема е извесно дека работите се прекршени и дека одговорноста за државата ќе ѝ припадне на ВМРО-ДПМНЕ и оваа нова генерација која мора да биде подобра од сите претходни во Македонија за да биде успешна.

Не е прашањето дали ќе падне оваа власт, туку кога ќе бидат изборите да се смени. И затоа тоа преземање на одговорност мора да биде одлучно и веднаш да се покажат резултати. Во средиштето на тие промени за подобра иднина се младите и вашата шанса доаѓа. Затоа што доста во оваа држава се зборува за младите, без да им се даде шанса, доста се прават планови за вас – без вас. И затоа е важно младите што помасовно да се вклучат во оваа политичка битка и лично да ги менуваат работите. Не преку други, не да се чека други да се изборат, туку вие со име и со чест да влезете и да се борите за работите што сакате да ги смените. Само така вашиот глас ќе биде погласен, само така промените ќе бидат посилни и само така ќе се избориме за иднината на Македонија. Да се биде млад не е само привилегија, туку и одговорност, неповторлива шанса која мора да ја зграпчите и да ја искористите. Дваесетина години од сега да им кажете на вашите поколенија – да, јас бев дел од генерацијата што ги донесе промените и ја заслужи победата. Само така ќе бидете сопственици на своите победи, заедничкиот успех и носители на времето за кое се борите. Нема поголема загуба од залудно потрошен талент, им порача Мицкоски на младите.

Тој се задржа и на развојот на Македонија од осамостојувањето до денес. Ја нарече апатичен и несигурен човек, пред кого биле големи планови, но го пресретнале големи земјотреси.

Ако независна Македонија овие 32 години беше човек, тој сигурно е човек обземен од апатија и несигурност. Деведесеттите години кога тој човек проодуваше, кога трагаше и мечтаеше за светот покрај него, кога очекуваше големи работи, се случуваа и големите земјотреси, транзицијата и приватизацијата, раскрчмувањето на капиталот, пропаѓањето на компаниите, зародишот на она што денес се вика олигархија, големите и црни денови за нашиот народ. Првата декада од независноста го разора сонот со кој се роди тој човек. Во втората декада дојде воениот конфликт, внесената несигурност и одземената доверба едни меѓу други. Следната декада помина во внесување на омраза, силна фрагментираност и поделеност на тоа општество. Процес на обезличување, деградирање на моралните вредности и една општа апатија како убиец и на најситниот атом кој сака да пружи отпор. Младиот човек кој на почетокот во деведесеттите години сонуваше, денес е изморен од чекање и се чувствува поразен. И не така млад, затоа што 32 години ги помина во живеење на некакви туѓи битки, исполнување на поинакви желби од колективните, исполнувајќи ја туѓата лична среќа, за сметка на заедничката. И затоа велам нема поголема загуба од залудно потрошениот талент. И затоа овие неколку години многу грчевито, многу бавно, но и многу сигурно ја создаваме искрата надеж, која почнува да се распламтува и да гори. Македонија е жива и ќе биде на нозе и да ја вратиме на патот по кој се остварува сонот. И тој пламен треба да биде силен оган на енергијата што ќе ги донесе промените кои ќе ја создадат новата иднина во која веруваме. Да нема повеќе луѓе со залудно истрошен талент, да нема нови млади луѓе што ќе ги разочараме, туку токму младите да се борат заедно со нас, рамо до рамо и заедно да го извојуваме вашиот сон. Кога веќе сите ние ја пропуштивме шансата да се изгради држава за која метчаевме, мојот сон е вашата иднина, вашите верувања и остварување на вашиот сон. Е за ова денес вреди нашата борба. За младите луѓе, заедничката среќа и вредностите во кои веруваме.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на претседателот на Унијата, Сегеј Попов, дека со неговата целосна поддршка, доверба и благодарност има аманет да ги предводи младите во менувањето на процесите за создавање иднина.

Бидете авангардата, промената што сакате да ја видете. Бидете бестрашни борци за идеалите за кои вреди да се борите. Нам не ни требаат млади луѓе што ќе глумат возрасни, туку млади луѓе што ќе ги носат процесите, баш онакви какви ги замислуваат. Ни треба движење кое ќе ги вклучи обесправените, вредните, понижените од оваа грда реалност, паметните млади умови, на едно место да се истури целиот креативен потенцијал кој ќе биде вложен за казуата за која се бориме. Македонија која нема да биде со забревтан здив, уморна од чекање, фрлена на колена и на маргините како денес, туку Македонија на нозе, со силни чекори напред, која подава рака на оние што вредат, која ќе е колевка на развојот, земја која ќе обезбедува иднина и ќе носи прогрес. Тоа време доаѓа. Тоа време еве го пред нас и за таа цел оваа влада мора да падне. И ќе падне, за да се исправи Македонија. Ќе падне за да оди Македонија напред. Ќе падне за да остане Македонија сочувана и нашиот сон и нашата иднина во неа.

 

извор: ВМРО ДПМНЕ