Ердоган: „Туркије одговори на нападот во Истанбул со срамнување на позициите на терористите во северен Ирак и Сирија“

0
218

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Туркије одговорила на терористичкиот напад во Истанбул на 13 ноември со уништување на позициите на терористичката организација со неодамнешната воздушна операција во северен Ирак и Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Го дадовме нашиот одговор на гнасниот напад што ги чинеше животите шест невини лица со срамнувањето на терористичките позиции во северен Ирак и Сирија“, изјави Ердоган на церемонијата на отворање на неколку проекти во североисточната турска област Артвин.

Туркије ја започна операцијата „Канџа-меч“, прекугранична воздушна кампања против терористичката организација ЈПГ/ПКК која има засолништа покрај ирачката и сириската граница, од каде што планира напади на турска територија.

Воздушната операција на Туркије следуваше по терористичкиот напад на 13 ноември на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а 81 беа повредени.

„Го знаеме идентитетот, локацијата и досието на терористите. Исто така, многу добро знаеме кој им е патрон, кој ги вооружува и охрабрува терористите“, рече Ердоган.

„Туркије го направи својот дел со почитување на секој договор за безбедноста на нејзината граница со Сирија“, рече тој.

„Се надеваме дека ќе ги искорениме сите терористи што е можно поскоро“, истакна Ердоган.

Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 лица, вклучувајќи жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото:Doğukan Keskinkılıç/AA Агенција Анадолија (АА).