Руската агресијата врз Украина на виделина извади и некои инфраструктурни слабости во земјите членки, па се планира подобрување на патната и железничка инфраструктура. Прашање е дали земјава ќе може да искористи дел од тие пари.
Македонскиот придонес во НАТО главно е политички и дипломатски. Македонија е мала и сиромашна земја со скромни воени капацитети и, како најнова членка на западната воена алијанса, учествува и во воени мисии, согласно нејзините можности.
Руската агресија врз Украина донесе и нови предизвици за НАТО. Алијансата ја осуди руската агресија, го поддржа територијалниот интегритет на Украина, воведе жестоки економски санкции против Русија и испраќа воена помош за украинските сили да може да ѝ се спротивстават на силите на Москва. Македонија се приклучи на сите овие активности и се најде на руската листа „непријателски земји“.
Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија Исмет Рамадани вели дека НАТО е гарант на безбедноста на земјава од надворешна агресија. Македонија соработува во задржување на сајбербезбедноста и борбата против лажните вести.
„Ние како земја, без разлика што сме мали, сепак во креирање на политиките и дипломатијата на НАТО доста придонесуваме. Фактот што ја зазедовме вистинската страна во војната во Украина, и нормално, согласно нашите капацитети понудивме и дадовме помош, и тоа многу се цени во НАТО“, вели Рамадани.
Радио Слободна Европа