Плусинфо: Пораките на Блаже Конески се поактуелни – не да им станете робови на лажните пророци!

На денешен ден пред 29 години починал Блаже Конески, поетот и лингвистот што го кодифицираше македонскиот јазик. „Сетете се како е да останеш без татковина. Тоа е исто како да останеш без кров над главата“, гласи една од неговите пораки, актуелни и денес.
Тешко е да се опише големината на Блаже Конески, кодификаторот на македонскиот современ литературен јазик и еден од „виновниците“ за негово осовременување, за продирањето во неговите длабочини. Корифејот од Небрегово починал токму на денешен ден пред 29 години. Оставил 13 поетски книги и многубројни текстови. Народот го познава по синтгамите од неговата поезија, кои и денес, години подоцна, стануваат своевиден фолкор и аманет да не се заборави посебноста на македонскиот јазик. Бидејќи, како што вели поетот, „да останеш без татковина е како да останеш без кров над главата“, објави plusinfo.mk.

Во „Песните“ тој ќе напише:

Неук, си мислев:
па тие така случајно се јавуваат.
А сега назад погледнувам, гледам
– па тие ме обврзуваат!

Кон оваа поема може да се надоврзе и „Спомен по многу години“, во која Блаже Конески како да им се враќа на некои свои дамнешни стихови и мисли („ти што ќе стоиш на Гази-Баба, потомче, чуј…“), но со горчината на историските, животните и филозофските сознанија за себе и за својот народ:

Уште рика маката во мене
дека сум роден во смачкано
племе!

Но, во времето на нивното создавање, стиховите на Конески, кој претежно пишувал поезија, биле своевиден експеримент во јазикот, осовременување на јазичната форма, нејзино прилагодување во модерната поезија. Конески бил и прв преведувач на современи поети и класици, бидејќи „нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“, како што ќе каже еднаш бардот во 1948 година.

Во песната „Љубов“, една од многуте современи љубовни песни, поетот си игра со глаголот заледува, го става во повратна форма „се леди“, користи архаизми како зборот „цибрина“, а глаголот копнеам којшто обично оди со „по“, копнеејќи „по нешто“, сега добива директна форма, „те копнеам“.

Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам – се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар со подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.

 

Текстот во целост на: plusinfo.mk.