Пецаков: Како најскапоцен подарок од Бога, доделена ни е честа да го величиме и славиме нашиот молитвеник, духовник, просветител, нашиот најголем учител, Свети Климент Охридски

Во предвечерието на големиот празник, повторно стоиме пред портите на неговиот манастир, ги допираме стоелтијата, ја слушаме светата тишина и го чувствуваме безвременскиот благослов. А тој, пресветол….облеан со зраците на сончевиот ореол, со милостив поглед не дарува со мир и спокој, додека ги испишува словата, кои од брегот на Охридското Езеро, со силна духовна енергија пловат во недогледот на вечноста.
И додека будни сониме за нова надеж, со најголема љубов и вера, избираме благородни зборови за да оддадеме достојно поклонение на неговото дело, како најцврст столб во темелите на нашата Македонска душа.
Како најскапоцен подарок од Бога, доделена ни е честа да го величиме и славиме нашиот молитвеник, духовник, просветител, нашиот најголем учител, Свети Климент Охридски, патронот и чуварот на овој светол град, кој гордо опстојува низ милениумската историја.
„Оче Клименте, славен како река духовна, што излегува тајно од рајот и протечува на четири страни, со своите зборови на сите краишта на земјата, ти сите ги упатуваш на вера со твоето златно учење…Сјае Охридската црква како крин огреана од твоите молитви….Пружи ги своите пречесни раце за милост, просвети не, заштитувајќи не од сите зла, укрепувајќи, простувајќи…“… со овие зборови на неговиот анонимен ученик, како најубав стих и најмилозвучна песна, му се обраќаме и ние денес, зошто знаеме дека будно бдее над нашите дни и ни испраќа помош, кога ни е најпотребна.
Светиклиментовите идеи во Охрид стануваат запис во срцата на богољупците, а силата на охриѓани и на Македонците е во заслугот на светата мисла и во почитта на неговите пораки за човекољубие и хуманост. Со својата мисија, Свети Климент ги отвори вратите на новата црква и од нејзиното предворје во ластовички лет го пушти словото на писменоста, да оди и да се враќа, да полетува и да ги прелетува сите словенски пространства.
Oдејќи по стапките на своите духовни отци, тој го расеа семето по плодната почва на Македонија, во книжна недоглед и во совршен ред. Со наднебесна смисла на пораките божји, ги даруваше словенските народи со духовна светлина издигнувајќи ги на културната и цивилизациска сцена.
Свети Климент е паметник на македонскиот дух, неговото дело е вечен израз на македонската гордост, а неговата визија за знаењето стана најважниот дел од нашата национална свест.
И по толку години, децении и векови нанижани како ѓердан од бисери, исполнети со храброста на Македонскиот народ, застануваме повторно на изворот на словото и светлината, што блика од највредното наследство што ни го остави нашиот Климент. Неговото дело е толку големо што добива димензии на бесконечност… на нешто кое своето име гo втиснало во вечноста и ги врежало длабоко во светската меморија. Неговите дарови постојано го осветлуваат нашиот пат и ни даваат крилја да достигнеме до изобилство на знаење и духовна благосостојба.
….„Свети Климент како да не беше од земјава, како да беше пратен од небо да го прогласи словото Божјо…тој е несразмерно богомудар и плодовит чудотворец… светозрачно сонце на словените, кој на небо е рамен со дванаесетте свети апостоли….“ ќе напише нашиот најголем преродбеник Григор Прличев, кој покрај сета посвета на светецот, ќе даде заклучок дека „Воопшто не можеме да најдеме зборови и мисли со кои ќе го пофалиме Климента како што треба“… па затоа, ЈАС, што и да кажам во оваа моја беседа ќе биде премалку и ќе делува прескромно за да се опише таа величествена големина и светост…
Посакувам вечно да живеее Светиклиментовата писменост, Светиклиментовата црква и Светиклиментовата школа и нека биде вечен неговиот благослов за Охрид и Македонскиот народ.
Нека овие мигови на заедништво и радост продолжат да бидат наша определба за поубаво утре! Нека е за многу години големиот празник, да славиме и чествуваме во здравје и среќа уште многу лета Господови и да го оставиме во аманет на идните поколенија!
Нека е вечен Свети Климент, нека е вечен Охрид, нека е вечна Македонија !- истакна градоначалникот во своето обрќање по повод Патронот на градот Св. Климент Охридски.