Инфлацијата во ноември 19,5 проценти, објави Државниот завод за статистика

Трошоците на живот во ноември се зголемени за 19,5 проценти во споредба со истиот месец лани, а цените на мало за 15,2 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во однос на октомври, кај трошоците на живот се бележи зголемување од 0,5 проценти, а кај цените на мало за 0,2 проценти.

Пораст на трошоците на животот во споредба со октомври има кај жестоките пијалаци за 4 проценти, виното за 3,4 проценти, месото за 2,6 проценти, рибата и морските плодови за 2,2 проценти, млекото, прехранбените производи неспоменати на друго место за 1,9 проценти, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 1,8 проценти, сирењето и урдата, кафето, чајот, какаото за 0,8 проценти, јајцата за 0,7 проценти, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6 проценти, пивото за 0,3 проценти и лебот и житата за 0,2 проценти.

Намалување на трошоците на животот е забележано кај свежото и разладеното овошје за 8,9 проценти и кај маслото и маснотиите за 5 проценти.

Денеска со информација за минималната потрошувачка кошничка излезе и Сојузот на синдикати на Македонија. Според нивната пресметка, во ноември за минималните трошоци на едно четиричлено семејство биле потребни 51.714 денари од кои за храна минимум 19.518 денари, а за режиски трошоци 12.983 денари што е повеќе од половина од синдикалната минимална кошничка.

 

извор: ДЗС