Продолжува влошувањето на состојбата на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица под притисок на урбанизацијата и дивоградбите, додека македонските власти продолжуваат да ги игнорираат обврзувачките меѓународни правни инструменти за заштита на природата.
Ќе запре ли привремено урбанизацијата и легализацијата на дивоградбите во Охрид и во Националниот парк Галичица, од македонските Власти засега нема конкретен одговор.
Прашањето повторно се актуелизира, откако постојниот Комитет на Бернската конвенција одново ѝ порача на државата сериозно да го сфати случајот со континуираното влошување на состојба на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица.
Странските експерти бараат напролет заедно со УНЕСКО и Рамсарската конвенција да направат нов увид на состојбата и потоа да дефинираат нови препораки.
Дотогаш се бара властите да запрат со легализација на дивоградбите и со сите активности за понатамошна урбанизација на територијата на Охридскиот регион. Ова е последно од бројните слични укажувања на Бернската конвенција и УНЕСКО последниве години.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини вели дека ги поканил експертите на Бернската конвенција и УНЕСКО да дојдат во земјава и заедно со граѓанските организации и утврдат кава е состојбата и потоа да донесат одлука.
„Мора да имаме добра соработка со централната и локалната власт. Состојбата што ја имаме не е од денес, ние треба да седнеме со градоначалниците од Охрид, Струга и Дебарца и да направиме еден долгорочен план“, вели Нуредини во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Радио Слободна Европа