Храната на берзите поевтинува, во Македонија цените растат

0
137

Храната на светските берзи во ноември била за 17 отсто пониска отколку во март, покажуваат податоците на Организацијата за храна и земјоделство на ОН. Најголемо намалување има кај зеленчукот, а поевтинети се и житариците, месото и млечните производи. Во Македонија цените растат.

Алчноста на трговците кои ја искористија ситуацијата и неоправдано ја зголемија цената, пред сè на храната, е главна причина за тоа што Македонија има една од највисоките стапки на инфлација во Европа, дециден е економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во ноември биле за 19,5 отсто повисоки од истиот месец минатата година. Според Еуростат, повисока инфлација во Европа имаат само Унгарија и Балтичките држави – Естонија, Литванија и Летонија, каде што инфлацијата е меѓу 21 и 22 проценти.

На Балканот, инфлацијата во Босна и Херцеговина е над 17 отсто, Црна Гора нешто помалку, Србија околу 15 проценти, Бугарија 14,8, Хрватска скоро 13, Словенија околу 11, Грција 9, а во Албанија околу 8 проценти.

Јовановиќ вели дека инфлацијата во Македонија е убедливо највисока во регионот зашто трговците неоправдано ги зголемија цените, а владата немо гледа на тоа.

„Само за илустрација, во последните 7 месеци, од март досега, цените на храната во Македонија се зголемени за околу 33 отсто, а глобалните цени на храната, според индексот на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации), се намалени за 15-16 отсто. Значи на меѓународните берзи во светот, во последните седум месеци има намалување на цените на храната, а во Македонија има покачување на цените на храната“, вели Јовановиќ.

Тој инсистира дека е потребно ограничување на цени и маржи и инспекции за тоа да се спроведува.

Други економисти со кои разговаравме посочуваат дека не се работи за алчност, туку за инфлаторни очекувања. Бизнисите сакаат извесност, па ако очекуваат да има инфлација, тие почнуваат уште пред време да ги зголемуваат цените за да се заштитат. Исто така, ако граѓаните очекуваат поскапувања, може да почнат да прават залихи, што ќе ја зголеми побарувачката и ќе ги крене цените.

Радио Слободна Европа