Оваа година, сексуалните работници одбележуваат јубилеј – 15 години Марш на црвените чадори.

По повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, ние, сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со нашите партнери и поддржувачи ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, ТрансФормА и Коалиција МАРГИНИ, во рамки на овогодинешната кампања „15 години колективен глас против насилството врз нас“, ја известуваме јавноста за одржување на петнаесетиот Марш на црвените чадори во Скопје.

Јубилејниот Марш на црвени чадори ќе се одржи на 17.12.2022 (сабота) со почеток во 12:00 часот. Традиционално, Маршот ќе започне на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на ул. „Македонија“ и ќе заврши на плоштадот „Филип II“. Пред почетокот на Маршот, претставници на заедницата ќе дадат изјави за медиумите.

Овогодинешната кампања ја посветуваме на 15 годишниот јубилеј, преку ретроспектива на изминатите маршеви на црвени чадори, на сите наши успеси, постигнувања, јавни пораки и барања, но и предизвици и проблеми со кои сме се соочувале низ годините во борбата против насилството и дискриминацијата.