DW: Германското МНР предупредува поради заканите со бомби

Германското Министерство за надворешни работи бара будност од германските граѓани при патување во Северна Македонија поради заканите со бомби, објави DW.

„Закани со бомби против јавни институции и објекти во последно време се регистрирани во главниот град Скопје. Тие првично беа насочени кон училишта и владини објекти, но во меѓувреме се погодени и хотели и други невладини установи. Последно, беше неопходна евакуација на меѓународниот аеродром Скопје, каде сообраќајот мораше да биде привремено запрен. Треба да се смета со ограничувања и сообраќајни проблеми“, се вели во информацијата на германското МНР.

Од Берлин се посочува дека досега сѐ е „останато на закани“ и од германските граѓани се бара да бидат будни и претпазливи, како и да се информираат од доверливи локални и социјални медиуми во врска со актуелната ситуација и да ги следат препораките на локалните власти и безбедносни сили.

Повеќе објекти во Северна Македонија и вчера (16.12) беа евакуаирани поради дојави за експлозивни направи, за кои, како и во претходните денови, се утврди дека се лажни. За дојавите за бомби надлежните вчера ги известиле и НАТО структурите.

извор: DW.