Премиерот Димитар Ковачевски денеска не сакаше да ги коментира тврдењата на опозицијата дека новоименуваниот директор на АНБ Зарко Милошевски бил вмешан во кумановските настани.
Ковачевски посочи на дел од професионалната биографија на Милошевски, потенцирајќи дека нема што да додаде во однос на она што се коментира.
– Директорот на АНБ беше поставен на седница на Влада, и е човек којшто својата кариера ја гради од 1997 година во Министерството за внатрешни работи во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање, потоа продолжува во АНБ каде што извршува раководни позиции и којшто во текот на својата професионална кариера бил на низа обуки, доминантно во САД и во Канада, токму во областа во којашто професионално се усовршувал и напредувал, и сега е директор на Агенцијата за национална безбедност. Не би имал што повеќе да додадам во однос на коментари што се даваат, истакна Ковачевски.
извор: МИА