(ФОТО) Отворен ледениот хотел во Шведска, во собите се спие на -5 степени

Ледениот хотел „365“ во Шведска и официјално е отворен за сезоната 2022/23. Исполнет со неверојатни ледени скулптури, хотелот се гради и реконструира секоја година од 1989 во селото Јукасјерви, 200 километри северно од Арктичкиот Круг.

Во изградбата на 33. издание на хотелот учествуваа 24-ца уметници од десет земји, кои со недели внимателно изработуваа 13 уникатни апартмани, од кои еден луксузен.

Процесот на изградба почнал пролетоска, кога биле вадени блокови мраз од реката Торне и складирани во Јукасјерви. Притоа биле собрани 500 тони мраз, плус мешавина од снег и мраз чија количина била доволна да се наполнат десет олимписки базени.

Температурите во хотелот се одржуваат на -5 Целзиусови степени. Од хотелот препорачуваат да се остане една ноќ во ледена соба, а остатокот во придружните топли соби.

 

 

sdk.mk