Зад нас е години на скандали и криминал во режија на Владата на СДС и ДУИ.
Изминуваат 365 дена, 365 скандали. Секој ден нова афера. Имаме скандал влада.
Една година како Македонија го има најлошиот премиер до сега. Човек кој не победил на избори, а е премиер, и меѓу другото заложник и слуга на Али Ахмети.
Тоа најочигледно се гледа по прес конференцијата на Ковачевски во јуни оваа година, кога запрашан како планира да функционира Владата, буквално повторува како што му суфлира Ахмети – “Како до сега”. И да една година функционираат како до сега, со криминал, корупција, скандали и мизерија за народот.
Еве само мал дел од скандалите, истакна потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:
Ковачевски е човек кој свесно избегнал служење војска. Причината која ја навел е трајна неспособност. Бил трајно неспособен за служење војска, но не и за матни зделки и бизниси.
Ковачевски пред себе го има само личниот интерес, а тоа го видовме и кога беше фатен жив во аферата Броило, тешка 26 милиони евра. Фирмата Пиксел груп основана од него и неговиот кум и КМГ ЕОЛ Квазар земале државна помош и грантови од пола милион евра, тендери во вредност од 2 милиони евра и склучувале милионски договори со ЕВН додека Ковачевски е функционер. За на крај кога тој стана премиер фирмата основана од него да влезе во 54 милионска инвестиција со Бугарски партнер за изградба на фабрика во Тетово.
Двајца генерални секретари на Влада се веќе пред органите на прогонот фатени во матни зделки и до гуша во кал.
По примерот на Ковачевски и генералните секретари на Влада, функционира цела Влада. Пример е тендерот кој го добива сопругата на директорот на ТЕЦ Неготино во РЕК Битола тежок 630.000 евра.
И додека луѓе од власта прават пари во енергетиката, ЕСМ купува скапа струја, месечно се давани и над 20 милиони евра за увоз.
Половина милион едвај преживуваат, а директори назначени од Ковачевски земаат месечни плати неколкукратно поголеми од минималната. Еден владин функционер за 4 години заработува и до 920 минимални плати.
Над 100 функционери криеле имот над 30 милиони евра, што ги објавивме во аферата Тајни имоти, а го продолживме со Тајни имоти 2.
Покрај тоа што е криминална, Владата за пари и финансиска добивка на поединци го оштетува и меѓународниот углед на Македонија. Сегашниот директор на АНБ Зарко Милошевски одобрил, Виктор Димовски проследил до МВР, а Ковачевски на Влада му дал државјанство на рускиот олигарх кој се мешал и во изборите во САД. И наместо санкции Зарко Милошевски е поставен за директор на АНБ, а Виктор Димовски е на пат да стане амбасадор во Франција. Тоа е истата Влада која сакаше дваесет и шест годишна девојка, тв презентерка да испрати за генерален конзул на Македонија во Њујорк.
Оваа Влада е крајно неспособна и неработничка.
7 години не можат да го завршат автопатот Кичево – Охрид. Во истиот тунел каде што Заев вршеше надзор на работите, после неколку години отиде и Ковачевски. Ништо не е мрднато.
Заради неспособност, но и желба за нечиј профит, државата ќе плаќа 8.5 милиони евра заради раскинување на договорот за изградба на Клиничкиот центар.
Заради нивната неспособност и неможност да обезбедат подобра иднина и нормална живеачка на протести излегоа работниците, земјоделците, студентите.
И последно, но може најважно, Ковачевски и неговата Влада се неспособни да ја гарантираат безбедноста на граѓаните. Со месеци дојави за бомби, од полициски депоа се краде оружје, од фабрики за марихуана исчезнуваат тони од оваа дрога, и никој не е санкциониран.
Ковачевски и неговиот ментор Ахмети мора да си заминат. Потребни се предвремени парламентарни избори и нова Влада која ќе донесе промени и подобра иднина.
извор: ВМРО ДПМНЕ