Најниската просечна бруто-плата во 2023 година ќе биде во Фискалниот совет и ќе изнесува 17.783 денари, а најсреќните се оние во Министерството за надворешни работи каде што просечната бруто-плата е пресметана на 122.243 денари. Ова се податоци од Буџетот за 2023 година, кој е поставен на официјалната страница на Министерството за финансии и каде што може да се видат просечните бруто-плати на сите буџетски институции.
Во Фискалниот совет, според Буџетот за 2023 година има 6 вработени. Зошто просечната плата е под минималната, го очекуваме одговорот од Министерството за финансии. Фискалниот совет е независно тело, кое изработува анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија. Во него има тројца независни експерти предложени од Народната банка, Државниот завод за ревизија и од МАНУ, а кои ги избира Собранието.
Во Министерството за надворешни работи, пак, има 443 вработени. Во просек таму нето-платата е околу 80.000 денари, а брутото достигнува 2.000 евра. Веднаш зад вработените во ова Министерство се вработените во Оперативно техничката агенција каде што просечната бруто-плата изнесува 119.872 денари.
Оперативно техничката агенција обезбедува поврзаност помеѓу операторите и овластените органи за следење комуникации во случаите кога со судска наредба е одобрено следењето на комуникации заради потребите на кривичните истраги или заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата. Високи плати дава и Уставниот суд каде што бруто-просекот е 88.368 денари, како и во Агенцијата за разузнавање со просечна бруто-плата од 84.252 денари.
slobodenpecat.mk