(ФОТО) Село Вишни, место на недопрена природа во пазувите на планината Јабланица

Селото се наоѓа во областа Дримкол, во западниот дел на територијата на Општина Струга, чиј атар се издига на источната падина на планината Јабланица и се допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско, на надморска височина од 1.040 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 8 километри.

До него се стигнува по магистралниот пат од Струга што води кон граничниот премин Ќафасан.

Се наоѓа на висорамнина, на која се наоѓаат следниве извори: Студенец, Извор, Чешма и други. Водата во селото се добива од изворот Извор. Најблиски села се: Горна Белица, Долна Белица и Заграчани.

На Јабланица, западно од селото, се наоѓаат следниве месности: Изгорејнци, Папрадиште, Костов кутел, Мечкина дупка, Јаорје, Загончиња, Гара, Чешма, Дупки, Мартинов кутел, Пожарје, Дубурлој нивје, Беличка река, Село Влас, Бабуш, Свети Никола, Сушица (река), Св. Врача, Св. Климент, Св. Петка, Св. Недела, Ровиње, Варвалец, Клепуш, Крајница, Маркова страна, Душман, Самарница, Чекуље, Студенец, Леска, Стари куќи, Меризиште, Извор, Коритничиња, Орашец, Св. Спас, Виништа и Гулабарница.

Вишни има збиен тип, а одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како: Митревци, Јанковци, Волчевци, Ѓорговци и други.
Селото Вишни спаѓа во постарите села во Струшко. Околу селото се наоѓаат разни остатоци на старини, како што е Градиште, северно од селото. Околу селото се наоѓаат и свети места, како „Св. Спас“, „Св. Петка“, „Св. Климент“, „Св. Никола“ и „Св. Врача“.

Денешното село потекнува од крајот на XVIII век. Како што се верува, тоа било изградено од малобројни словенски и влашки жители, кои дошле од подрачјето на соседна Албанија. Од основањето до крајот на Втората светска војна, селото било мешано. Власите имале околу 10 домаќинства и никогаш немало мешани бракови.

Друга легенда вели дека селото било изградено кога Османлиите владееле во Македонија. На местото на денешното село, тогаш немало ништо. Преданието вели дека кога жителите на Радожда бегале од зулумот на башибозукот и на турскиот аскер, се криеле во планината. Таму почнале да градат куќарки и го направиле Вишни. Кога селаните ќе ги прашал некој каде живеат, кусо одговарале – на висон, на високо, на вишнине. Од таму доаѓа името Вишни и не е поврзано со овошје.

Во XIX век, Вишни било село во рамките на Струшката нахија, на Охридската каза на Отоманското Царство.
Според податоците од 1873 година, селото имало 160 домаќинства и 464 жители мажи.

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Вишни имало 620 жители, од кои 600 жители Македонци христијани и 20 Албанци муслимани. По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вишни имало 640 жители.

Од Вишни се иселил голем број на населението. Така, во 1961 година селото броело 574 жители, а во 1994 година бројот се намалил дури на само 25 жители, македонско население.

Од Википедија — слободната енциклопедија