Суровото детство од улица го донесе до награда на натпреварот „Кенгур 2022“

За Амир Дестанов, кој на натпреварот „Кенгур 2022“, го освои трето место математиката ги отвори портите за едно сосема ново поглавје во неговиот живот. Суровото детство на улица и неизвесноста која демне на секој чекор со помош на активностите во „Дневниот центар за деца на улица“ веќе се минато. Секој ден вежба по неколку часа задачи. Вели дека уште како мал го интересирала математика, но клучна улога имале наставниците кои со својот пристап умееле неговиот сон да стане реалност.

„Наставникот Филип, тој е од Дневен центар со него научив математика најмногу. Станав толку популарен. Со него повторував задачи, дополнителни часови, со него бев секојдневно во Дневен центар. Кога се вратив во училиште секој ден седеше со мене и не стануваше. Но, и наставничките во училиште, имав навистина добри наставнички“, вели Амир Дестанов.

Во животот има многу нешта кои ќе ве излажат, вели Амир, но математиката никогаш не лаже и затоа ја сакам. Многу често тој им помага на своите пријатели и соученици да ги совладаат некои задачи, дури има и свој специфичен пристап.

„Кога не знаат, јас им помагам на друг начин. На пример, ако ги прашам со минус или со плус ако не знаат, јас им го објаснувам тоа на пример со пари, ако ти одземат толку и толку, тогаш тие знаат. И кога ќе ги прашам за математика веднаш знаат“, објаснува Дестанов.

Странските јазици се, исто така, негова голема љубов. Германскиот и англискиот, боксот и пливањето се негово хоби. Но кои се нештата кои најмногу му значат?

„Кога сум со моите пријатели или кога одиме да шетаме и се шегуваме. Франција и Шпанија се местата кои би сакал да ги посетам еден ден“, открива Дестанов.

Во Новата година има само една желба. Неговите најблиски, повеќедетното семејството на неговата тетка да бидат со добро здравје, дружењата со пријателите да бидат исполнети со насмевки и неговиот сон еден ден да биде програмер да стане реалност.

 

telma.mk