„СДС шеста година ништо не презема од тоа што како централна власт го има преземено, за обврска, а во врска со амбиентниот загадување на воздухот. Загадувањето на воздухот е национален проблем, и за ефикасно намалување на загаденоста потребни се национални мерки и проекти кои значително ќе влијаат на намалувањето на емисијата на штетни гасови“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски одговарајќи на новинарско прашање за став за загадениот воздух.
Стоилковски потсети на заклучоците од собраниската комисија од крајот на 2018-та година.
„Имено на 27-ми ноември и 25-ти декември 2018-та година, Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието на Јавна расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“, има донесено голем број заклучоци меѓу кои:
– Да се забрза процесот на гасификација;
– Да се воведат субвенции за приклучување на греење кон гасификација како и субвенции за приклучување кон парно греење за граѓаните;
– Градот Скопје и сите останати општини, да ги зголемат зелените површини во градските подрачја;
– Се препорачува Министерството за економија, да обезбеди средства за субвенционирање на домаќинствата кои ќе користат обновливи извори на енергија;
– Владата и Министерството за животна средина до Собранието да достават предлог законски измени на законите од областа на животната средина кои ќе бидат во насока на намалување на загаденоста на воздухот“, појасни Стоилковски.
Портпаролот истакна дека од владата бил испратен и документ до Собранието, со датум од 11-ти декември 2018-та, каде што стоело дека владата на седница донела План за акција и мерки за борба со загадувањето. Но од тогаш до денес ништо се нема исполнето.
„Наместо празни флоскули, СДС со ДУИ доволно е само да почнат да работат според она што самите тие го изгласале и во Собранието и во Владата како одлуки, преземени обврски, а за сега ништо нема од нив ниту на локално, уште помалку на централно ниво. Ќе повторам, СДС дојде на власт со ветувањата за чист воздух, 7 години потоа ништо не е променето. Четири години ја имаа локалната власт, ја имаа и сета власт во Македонија со се централната, не преземаа ништо од заклучоците кои што ги усвоија нивните пратеници. Седум години како што се на централна власт еден проект или поголема мерка од национален карактер за борба против загадувањето немаат спроведено“, заклучи Стоилковски.
извор: ВМРО ДПМНЕ