Обвинителството соопшти нови детали за грозоморното двојно убиство на 60-годишна жена и нејзината мајка. Убиството како што беше објавено вчера е извршено од страна на 40-годишен син и внук на двете жртвите. Според обвинителството, осомничениот всушност го извршил убиството ден пред да биде уапсен, а сакал и да продолжи со убиства во семејството.
Двојното убиство се случило во стан на улица Рузвелтова во центарот на Скопје, а осомничениот преспал покрај жртвите.
-При вршење семејно насилство, во семејниот дом на улицата „Франклин Рузвелт“, осомничениот ги лишил од живот сопствената мајка и баба, нанесувајќи им повеќе убоди со нож. Откако ги убил, ноќта меѓу 10 и 11 јануари, тој легнал да спие. Утрото на 11 јануари проверил и се осигурал дека двете жени се починати, по што се упатил кон домот на неговиот чичко со намера и него да го убие. Чичко му не бил дома, по што осомничениот отишол кај матичната лекарка и и кажал дека ги убил неговите мајка и баба, соопшти обвинителството.
На осомничениот му е определен притвор по барање на обвинителството поради можност да продолжи со масакрот.
-Бидејќи постои опасност од бегство и опасност осомничениот да стори ново кривично дело со кое се заканува кон неговиот чичко, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, соопштија од Обвинителството кое го гони 40-годишниот скопјанец за две дела убиство по член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
telma.mk