(ВИДЕО) Возила паднале во дупка длабока 12 метри во Калифорнија

Откако Калифорнија била погодена од големо невреме, два автомобили паднале во дупка длабока околу 12 метри. Оваа држава ја погодиле силни дождовни бури.

Среќа во несреќа е тоа што возилата сопреле во дупката која се отворила на патот Четсворт на длабочина од околу четири и пол метри. Спасувачкиот тим од противпожарната служба на Лос Анџелес морал да им помогне на патниците да излезат од возилата. Инаку, се проценува дека дупката дополнително се шири.

Во дупката паднале автомобил и камионет. Во возилото се наоѓале мајка и нејзината ќерка тинејџерка. Над нивниот автомобил паднал камионетот. Патниците од камионетот успеале безбедно да излезат од возилото, а мајката и ќерката останале заробени. На пожарникарите им било потребно околу еден час да ги извлечат од автомобилот. „Спасувањето беше деликатно бидејќи возилата се поместуваа“, соопштиле од противпожарната екипа.

Во наредните два дена се очекуваат уште врнежи, а локалните власти се загрижени. Изразуваат страв дека дупката може дополнително да расте и дека мора да се смисли начин водата да се пренасочи.

 

tocka.mk