Осаменоста е тешка работа, и како минуваат годините животот не станува полесен. Имам куќа, имам српска пензија, стан во Скопје, стан во Белград, автомобил, а сум сам. Во исто време, постојано гледам во медиуми апели од самохрани мајки со деца, кои немаат основни услови за живот, кои пред камери се жалат дека немаат кров над глава, оставени се без примања. Затоа јавно решив да апелирам, доколку има таква мајка, која би сакала да дојде и да живее со своите деца во мојот дом, слободно да ме побара – за ,,Фокус” вели Синиша Станојковски (60) од Куманово.
Појаснува дека му е потребен човек во домот, некој со кого ќе им минува секојдневието, дека сака да им биде како дедо или чичко на деца на самохрана мајка и да им пружи добар живот. Не бара сопруга, туку како што раскажува, жена која ќе се грижи за неговиот дом.
-Не сум во потрага по сопруга, да не бидам грешно сфатен, сакам на некое семејство да му дадам добар живот и меѓусебно да си помагаме. Да ги одгледам тие деца, па утре ако треба да ми купат лекови, да ми помагаат на стари години. Куќата каде живеам е на три ката, јас сум долу, на приземје, на горните катови живеат моите браќа кои си имаат свои семејства. Имам автомобил, добивам српска пензија одамна бидејќи имав бенифициран стаж, имам стан во Белград и стан од мајка ми во Скопје. Иако живеам во град, имам бавча, имам пет кози, бидејќи сакам се што е природно. Така ми минува времето, ете не оставив потомство зад себе, значи материјални добра имам, но немам со кого да го делам секојдневието. Жал ми е за сите тие случаи каде несреќни мајки јавно бараат помош, затоа доколку некоја сака да дојде и да живее со децата во Куманово, кај мене, да ми помага низ дома, слободно нека ме побара. Знам дека има многу жени кои едвај си ги прехрануваат децата, кои трпеле семејно насилство, биле во брак со алкохоличар, или имале други проблеми, а немаат каде да одат и да имаат мирен живот. Барам само онаа мајка која ќе ми се јави да биде човек, да има душа, да се грижи за домаќинството како што треба – вели Синиша.
Додава дека не пие алкохол и не пуши, не пиел дури ниту кафе. Вели дека кај секој човек најважен му е карактерот, а не изгледот.
Неговиот телефонски број е 078 277 608.
fokus.mk