Лекарите ќе бидат донесени со полиција доколку не се појават на судењето за случајот со пациентката Веапоска во Струга

0
351

Јавното обвинителство Струга уште лани во мај поднесе обвинителен предлог против екс директорот на струшката болница и гинеколог доктор Мухамед Асани, син му Блертон Асани и уште една лекарка гинеколог од истата болница, затоа што родилката од Дебар Јалдз Веапоска при породувањето ја оставиле без матка, бубрег и јајник. Меѓутоа, во судница на рочиштата ниту еднаш не се појавиле прво и второобвинетите, па тие досега двапати се одложија.

Обвинителниот предлог е за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.

Според ОЈО, првообвинетиот како лекар специјалист гинеколог акушер, второобвинетиот како специјализант по гинекологија и акушерство и третообвинетата како гинеколог акушер вработени во струшката болница, при укажување на лекарска помош примениле очигледно неподобно средство и начин на лекување врз пациентката со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба.

Веапоска била примена во болницата на 27 август 2020 година за да се породи во 40 недела од бременоста. Ја примил доктор Мухамед Асани, кој ја водел како пациент во текот на целата бременост и донел одлука породувањето да биде извршено со царски рез. При операцијата му асистирал и синот, но при изведувањето на царскиот рез тие ја оштетиле левата бубрежна артерија, напиша обвинителството во јавното соопштение.

На 24 јануари во 10 часот во струшкиот суд закажано е третото рочиште за овој случај.

– Сега за сега сум задоволна од тоа што е покренато обвинение и очекувам правда да има понатаму и да се казнат за стореното дело. Откако падна обвинение немам од нив никаков пристап. Досега се одложуваа рочиштата поради неприсуство на прво и второобвинетиот. Докторката дојде на третото рочиште ама и тоа се одложи. И судијата кажа наредниот пат да се повикаат сите обвинети и ако не бидат присутни ќе бидат присилно донесени со полиција, вели Веапоска.

 

slobodenpecat.mk