Вооружен инцидент на северот на Косово

Вооружен инцидент во северот на Косово настанал денеска, соопшти косовската полиција. Полицијата пукала кон возило кое не застанало на повикот за стоп и удрило во полициски автомобил. Настанот се случил во градот Бистрица на територија на општината Лепосавиќ, една од четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово.

Од друга страна, директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, тврди дека во тој инцидент ранет е маж од српска националност.

Косовската полиција во своето соопштение наведува дека животите на полицајците биле загрозени, а за отстранување на опасноста било употребено огнено оружје. Во полициското соопштение е наведено дека „осомничените побегнале од местото на настанот заедно со своето возило“, а дека случајот е пријавен во Полицискиот инспекторат, а истрагата е во тек во соработка и координација со правосудните органи.

Претходно во соопштение од канцеларијата за Косово на Владата на Србија е наведено дека во инцидентот е повреден Србин со иницијали М.Д. и дека со прострелната рана тој е транспортиран во болница во Краљево град во Србија.

„Околу 14 часот, со возило на Брза помош од Лепосавиќ е донесен 37-годишен пациент со прострелна рана во левиот граден кош, кој освен шок-состојба во моментов е без симптоми опасни по живот, но има сериозна физичка повреда. По дополнителна дијагностика, ќе биде сместен на интензивна нега и ќе се направи примарно лекување на раните и се друго што е потребно според нашите протоколи“, изјави докторот од болницата Зоран Мевиќ, а пренесува Радио телевизија на Србија.

 

Радио Слободна Европа