Мицкоски за односите со Бугарија: Оваа Влада за да остане на власт отстапи и прифати се, нивното килаво однесување е резултат на криминалот кој го прават за да останат ден повеќе на власт

Навистина можам да кажам дека ова што го гледам е нешто за кое ние предупредувавме дека ќе се случува. Ја користам оваа прилика да кажам неколку реченици поврзани со сето тоа.
Прво, она кое што вознемирува е фактот дека оваа Влада и покрај сите отстапки, и покрај сето она што беше побарано од оваа Влада, практично сѐ отстапи и сѐ потпиша во интерес на зачувување на своите лични фотелји. Гледаме дека другата страна и покрај сето тоа влегува во еден таканаречен конфликт кој што би го ставил на ниво на една студена војна помеѓу двете држави, бидејќи колку што разбрав, амбасадорот на нашиот источен сосед не е во државава, односно го задржале таму, не го вратиле назад, односно не е дојден тука каде што треба да ја извршува својата амбасадорска позиција. И тоа, го правдаат властите во Софија како револт поради оној настан кој што се случил во Охрид. Тоа е така затоа што кога едната страна попушта се, коленичи, ведне кичма, а другата страна практично добива сѐ, таа страна, во случајов Бугарија мисли дека природно право нејзино е да добие сѐ што ќе побара и на тоа предупредувавме изминатиот период дека тоа не треба да се случува, но за жал имаме политички аналфабети криминалци и корумпирани политичари коишто буквално за да ги задржат своите позиции и да можат уште некој тендер во четири очи да добијат се подготвени сѐ да проголтаат. Но, се разбира на товар на македнскиот народ, македонскиот идентитет и на македонските граѓани, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:

Второ, гледате тие дека функционираат како аналитичари. И Владата и Стево Пендаровски седат и прават анализа, па ќе го слушнете Стево Пендаровски како ќе ви каже дека ова било некаков си заговор, дека овие се некои тајни служби, надворешни влијанија и фактори за дестабилизација на Македонија, а притоа ниту едните ниту другите, после оној состанок што го имаа, Совет за безбедност кај Стево Пендаровски не излегоа кои се тие странски служби кои се тие странски фактори за влијание, кои се практично луѓето кои сакааат да ја дестабилизираат Македонија? Знаете тие добиваат плати ги уживаат привилегиите, затоа што народот ги плаќа да даваат решенија, да даваат одговори на прашањата, а не како аналитичари да коментираат.

Трето, прво почнаа со тезата ќе прогласувале персона нон грата, па потоа се повлекоа што чекаат да дојде 4 февруари па да се случат инциденти па тие луѓе да предизвикаат и провоцираат па од маргинални политичари, буквално естрадни политичари да претворија политички тешкаши сега со овие пинг понг изјави во јавноста, овој Џамбаски како се викаше овој европскиов политичар како му беше презимето од што не знае што да направи повеќе буквално како циркузант во естрада се однесува за да добие некој политички поен повеќе на темата мрази ги Македонците, навредувај ги Македонците, мрази ја Македонија итн. И што направија они со тоа, буквално ништо. Ете тоа е оној театар и естрада во која ја претвораат политиката во Македонија.

И четврто. Она кое сакам исто така да го кажам е ова нивно килаво однесување кое претпоставувам е резултат на нивната огромна корумпираност и заштита на криминалот за да останат уште некој ден, некоја недела, некој месец на тие позиции за да можат на грбот на овој народ да се богатат и се подготвени сѐ да проголтаат. Па дури и народот да го жртвуваат, па дури и иднината на народот да ја жртвуваат само за да можат тие уште некој ден да останат таму каде што се. Јас сум навистина згрозен и очекувам час поскоро да излеземе на предвремени парламентарни избори и да може народот гласно да зборува, а јас сум убеден во тој резултат и во огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има тешка задача, но и невозможна, да ги исправи сите грешки кои што оваа криминална и корумпирана влада на ДУИ поддржана од СДСМ ги направи.

извор: ВМРО ДПМНЕ