Според неодамнешното истражување, европските земји и понатаму се соочуваат со висока инциденца на недостиг на лекови, што негативно влијае на пациентите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Фармацевтската група на Европската Унија (PGEU) спроведе истражување во аптеките во 29 земји, членки на ЕУ, како и во Туркије, Северна Македонија и Норвешка.
Резултатите од истражувањето покажаа дека недостигот на лекови во повеќето европски земји значително е влошен во споредба со минатата година.
„Повеќе од 600 лекови се дефицитарни во четвртина од овие земји, додека 20 отсто пријавиле недостиг од 200-300 видови лекови“, се вели во извештајот.
Три четвртини од земјите известија дека недостигот е полош оваа зима во споредба со состојбата од пред една година.
Истражувањето, исто така, покажа дека најдефицитарни лекови во аптеките низ Европа се особено антибиотиците од групата амоксицилин кои се користат за лекување на инфекции на респираторниот тракт, потоа сирупите за кашлица кои се користат во лекувањето на педијатриски заболувања, парацетамолот во форма на сируп и одредени лекови за крвен притисок.
Причината за проблемот со лековите е падот на понудата и покрај зголемената побарувачка.
Сезонските инфекции, особено грипот и респираторниот синцицијален вирус (РСВ), започнаа рано оваа година и напредуваа поинтензивно од вообичаеното во европските земји.
Експертите велат дека послабиот имунолошки систем се поврзува со карантините и изолираноста за време на пандемијата, кога луѓето не беа изложени на одредени други вируси во зимскиот период.
Производителите на фармацевтски производи се исто така неспремни за зголемената побарувачка во услови на раст на бројот на инфекции, проследено со енергетската криза во Европа и зголемените цени на суровините кои влијаат на производството.
Извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).