По завршувањето на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023-та година, распишан од страна на Министерството за култура, дозволете ми да направам краток осврт на целиот процес и резултатите од истиот, рече на денешната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Оваа година, според исходот од конкурсот, културата ќе биде во духот на разноликоста, традицијата и националниот идентитет. Станува збор за проекти од јавен интерес, кои ќе ги промовираат достигнувањата на НАШИТЕ уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство, што е и една од нашите цели.
Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12 и пол милиони евра.
Годишниот конкурс за поддршка на проекти по прв пат се спроведе на националниот портал Е-услуги и за прв пат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.
Во електронскиот систем евидентирани се релевантни 3355 пријави. Поради нецелосна документација, согласно на општите услови од конкурсот, административно отфрлени се 332 пријави. Има и примери каде апликантите не ги насочиле своите проекти во вистинската дејност и аплицирале во дејност каде што не припаѓаат.
Има и неколку случаи, кога наместо документ за тековната состојба на правното лице, не постара од шест месеци, бил „прикачен“ празен лист, како и неколку случаи каде не бил активен статусот на здружението.
И во самите извештаи на комисиите е потенцирано дека со ЦЕЛОСНО аплицирање на електронскиот начин, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите. Оваа година е избегната претходно констатираната практика – проекти со нецелосна или несоодветна документација да бидат предмет на разгледување од страна на Комисиите, со што се губеше драгоцено време и се отвораа сомнежи за евентуално прогледување „низ прсти“.
Сакам да нагласам дека, комисиите кои одлучуваа по пријавите по дејности, останаа доследни на принципите: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура. Поддржани се проекти со интеркултурен карактер и проекти кои одат во полза на деметрополизација на културата. Секако, и проекти кои ја афирмираат нашата култура и уметност надвор од границите.
Согласно на спецификите на одделни дејности, комисиите имаа и соодветни критериуми за бодување и за што пореално вреднување на секој предложен проект.
2023-та е година и на значајни јубилеји и годишнини. Соодветните комисии и овој факт го имаа предвид поддржувајќи квалитетни проекти во пресрет на 60-сет годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Година на Ацо Шопов, 120 години од Илинденското востание, 120 години од објавувањето на книгата „За македонските работи“ на Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име. Исто така поддршка добија и јубилејот 115 години од раѓањето на Коста Рацин, 120 години од раѓањето на уметникот Никола Мартиноски, како и 75 години на сцена КУД „Емин Дураку“ и КУД „Јуни Јол“.
Во извештаите на комисиите, евидентна е нивната цел, во рамки на предвидениот буџет, да направат квалитетна и правична селекција, да ги поддржат манифестациите со подолга традиција, континуитет и докажано реноме, како и проекти кои во изминатите неколку години предизвикале поголем интерес и внимание кај публиката. Тоа беше и цел и очекувања од овогодинешниот конкурс.
Со годишната програма продолжува финансирањето на заштитата на културното наследство, со приоритет на она што е во опасност, како и заштитата и дигитализацијата на аудиовизуелни добра.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени веднаш по оваа прес-конференција на веб страната на Министерството за култура.
Верувам дека избраните проекти ќе бидат додадена вредност во перцепцијата на културата, но и поттик за НАШИТЕ уметници и автори да продолжат со вложување во својата професионална кариера. Тоа е и моја лична заложба и на Министерството за култура.
Посакувам успешна реализација на проектите и очекувам следната година да имаме континуитет во креативната и квалитетна понуда, која ќе остане во трајната меморија на македонското општество.
фото: ПРТСЦ