Лидерите на ЕУ на самитот се согласија да ја зајакнат граничната контрола и политиката на враќање мигранти

На Самитот кој заврши утрово, лидерите на Европската Унија решија да ги зајакнат надворешните граници на Блокот и да се фокусираат повеќе на спречување на нерегуларната миграција, јавува Анадолу.

„Ќе дејствуваме за да ги зајакнеме нашите надворешни граници и да ја спречиме нерегуларната миграција“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата на затворањето на лидерскиот Самит.

Таа објасни дека ЕУ ќе воспостави „пилот-проекти“ за зајакнување на заштитата на границите, и со материјална опрема и со персонал за справување со барањата за азил и враќањата на мигрантите.

Зајакнатата гранична контрола ќе биде финансирана од заедничкиот буџет на ЕУ, и покрај претходниот став на Фон дер Лајен која го отфрли финансирањето на граничните огради со пари на ЕУ.

Во заклучоците од Самитот, лидерите на ЕУ конкретно од извршното тело на ЕУ побараа „веднаш да ги мобилизира фондовите и средствата на ЕУ за поддршка на земјите членки во зајакнувањето на капацитетите и инфраструктурата за заштита на границите, средствата за надзор, вклучително и воздушниот надзор и опрема“.

Како што објасни Фон дер Лајен, ЕУ „ќе обезбеди интегриран пакет на мобилна и стационарна инфраструктура, од автомобили до камери, од стражарски кули до електронски надзор“, според новите пилот-проекти.

Лидерите на ЕУ, исто така, се согласија да го забрзаат безбедното враќање на оние мигранти чии барања за азил се одбиени.

Текстот во целост на: Анадолу.