Демнење стана кривично дело, затвор за напаѓачи на новинари, лекари и адвокати

Демнење и сексуално вознемирување станаа кривични дела, напад врз адвокати, здравствени и медиумски работници ќе се казнува со затвор. Ќе се казнува и економско насилство. Ова се дел од измените на кривичниот законик кој по две години во собраниска процедура, вчера тивко помина на пленарна седница, објави slobodnaevropa.mk.

Напади и закани врз адвокати, здравствени и медиумски работници од сега ќе се третираат како напади врз службени лица, се предвидува во измените на Кривичниот законик ,кој по две години во собраниските фиоки, пратениците вчера го изгласаа.

Ова значи дека за закани по живот кон оваа група на луѓе ќе се одговара со парична казна или со затворска до 6 месеци. Доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност казната може да достигне и до една година затвор. Ако веќе станува збор за насилство сторено врз оваа група на луѓе затворската казна изнесува од три месеци до три години.

„ Со казната на овој член ќе се казни тој што делото ќе го стори спрема службено лице во вршењето на службата, адвокат, лекар или друг здравствен работник, новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи кои ги презема во рамките на своите овластувања или спрема повеќе лица“, пишува во измените на законот.

Во кривичниот законик предвидени се казни и за јавно искажани закани за кривични дела на интернет кои се поттикнати од каков било вид на дискриминација.

Но, правдата за заканите искажани кон адвокатите, новинарите, снимателите, лекарите и медицинските сестри ќе треба да ја бараат со приватна тужба, а нема да им следува по службена должност.

Додека новинарите и медиумските работници веќе пет години ги чекаат измените на Кривичниот законик за поголема безбедност додека работат, со тоа што нападот врз новинар ќе се третира како напад врз службено лице, минатата година порасна бројот на инциденти кон нив споредено со минатата 2021 година. Минатата година заврши со вкупно седум посериозни напади според регистарот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ). Беа регистрирани физички и вербални напади врз новинари, како и задржување против нивна волја при извршување работа на терен.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk