„Хакерскиот напад во Фондот за здравство е факт кој што се случи и сметам дека независно од тоа дали е платено и колку е платено, ние треба да ја бараме одговорноста односно кој е одговорен зошто сето тоа се случи. Затоа што во исто време значи имаме медицински персонал кој што не доби плата, нели навреме, и се уште има клиники кои што ги немаат добиено своите плати. И не знаеме што се случува со тоа море од податоци бидејќи сепак тој систем има еден куп податоци за сите осигуреници во Македонија и мене тоа ми е многу позагрижувачко. И како резултат на тоа сметам дека, повторно се враќам на истото, дека независно од тоа колку е платено, одговорност мора да има“, истакна Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ21 коментирајќи го хакерскиот напад на ФЗОМ.
Димитриеска Кочоска додаде дека хакерскиот напад на ФЗОМ е сериозен пропуст. Во една сериозна држава вакво нешто не смее да се случи.
Во текот на гостувањето потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Димитриеска Кочоска се осврна и на зголемување на платата.
„Официјално се уште чекаме извршувањето на Буџетот за месец јануари да искочи, меѓутоа по информации кои што јас ги имам и со кои што располагам и кои што доаѓаат од Управата за јавни приходи, податоците се од повеќе загрижувачки. Зошто велам повеќе од загрижувачки? Затоа што заклучно со 17.02 односно од 01.01 до 17.02, ако ги погледнете податоците ќе видите дека данокот на додадена вредност прибран како бруто приход е на исто ниво како и минатата година. Односно нешто помалку во однос на минатата година. Но на исто ниво. А, ние кога го проектиравме односно Владата кога го проектираше Буџетот за 2023-тата година проектираше дека ќе имаме пораст на ДДВ-то за 14,7%, при нивни проекции за тоа како ќе завршиме со реализација на ДДВ до крај на година. Односно бидејќи не завршивме и во 2022 година со тој износ со кој што беше планиран значи ние треба годинава да собереме ДДВ, зошто сега зборувам најмногу за ДДВ-то, бидејќи тој е по износ најголемиот данок од сите даноци како апсолутен износ. Податоците кажуваат дека за 21,21% треба да имаме поголем собран приход од ДДВ во однос на минатата година, а ние зборуваме за првиот месец ипол дека сме на исто ниво или нешто помалку во однос на она што е прибрано минатата година. Што повеќе од јасно укажува на тоа дека имаме да кажеме економска активност приближно на исто ниво како минатата година или можеби значи се поставува прашањето дали расте процентот на сива економија“, рече Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска исто така говореше и за данокот на солидарност.
„Кај данокот на личен доход имаме некој пораст во однос на минатата година, но тој е помал во однос на тој што е проектиран. Кај данокот на добивка има некој поголем износ во однос на мината година, ама тој може да се дискутира дека голем дел од фирмите плаќаа и порано данок и ги завршуваа завршните сметки, поради овој законот за солидарност, сметаат ако завршат порано немаат да имаат обврска да го платат“, рече таа.
„Сметам дека тоа воопшто во овој момент не е потребно. Прво, заради тоа што ги оптоваруваме фирмите кои што се редовни плаќачи, затоа што оние што се во сива економија, повторно не се опфатени. И вториот момент што многу иритира или создава нервоза е фактот што тој данок беше повеќе наменет за оние кои што работат на пазарот на електрична енергија. Е, сега имате многу компании кои што се основаа во 2022 година, а законот нив не ги опфаќа. Сега тие имаат огромни добивки, нема да платат таков данок, а ќе платат сите оние други кои што работеле и во претходните години. Уште една работа која што за мене е несфатлива, ако ги погледнете податоците ќе видите дека државата заклучно со 31.12.2022 на приватниот сектор должи околу 50 милиони евра повеќе во однос на 2021 година. Значи на приватен сектор си го зголемило обврските или не платила на време, зборуваме за доспеани обврски значи тоа што морала да го плати, не го платила. Плус и ако го погледнете повратот на ДДВ за првиот месец ипол ќе видите дека тој е помал за некаде околу 12 милиони евра во однос на минатата година. А, велиме дека ДДВ-то како бруто износ е исто пробрано, што значи дека и тука не враќаме на време, значи од два аспекти гледано државата не ги враќа парите на стопанството на време, ги доцни. А, сега од другава страна вели ќе имаме закон за данок на солидарност вие платете ми на мене. Значи во континуитет приватниот сектор треба да ја финансира на некој начин државата“, укажа Димитриеска Кочоска.
извор: ВМРО ДПМНЕ