Државниот завод за статистика денес објави дека просечната исплатена нето-плата по вработен за декември 2022 година, изнесува 34.364 денари. И покрај тврдењата на СДС дека го остварила клучното ветување за раст на просечната плата до 34.000 денари, реалната плата е многу пониска, поради инфлаторните движења, реагираат од Левица.
Оттаму посочуваат дека иако е зголемена за 14,8 отсто во споредба со претходната година, поради инфлацијата во декември која изнесува 18,7 отсто, реалната нето-плата е пониска за 3,9 отсто, односно изнесува 33.012 денари.
Најниска плата во износ од 21.310 денари исплатена е во дејноста – Услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата, а највисока во Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности во износ од 88.192 денари. Разликата меѓу највисоката и најниската просечна исплатена нето плата изнесува 66.882 денари.
Вредноста на Синдикалната минимална кошница за декември, 2022 година изнесува 51.235 денари, што значи дека е повисока за 48,95% од просечната плата. Во оваа кошница не се вклучени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани, семејни прослави, не затоа што не се потребни, туку затоа што во кошницата се пресметуваат само неопходните трошоци.
Околу 80 отсто од вработените земаат плата пониска од просечната, што значи дека оваа плата воопшто не ги отсликува вистинските просечни приходи на работоспособното населенеие, напротив, се добива погрешна претстава дека животниот стандард е висок.
Левица се залага за воведување на нова методологија и пресметка на средна плата, со која покрај примањата, ќе се земе предвид и процентот на вработени кои земаат определена сума. Само со пресметка на средна или медијална плата ќе се утврди реалната куповна моќ на 50 отсто од вработените, се наведува во реакцијата на Левица.
извор: Левица