Антикорупциска отвори предмет за првиот вицепремиер Артан Груби

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната редовна седница потврди дека пред десет дена е отворен предмет за првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, откако во јавноста беа објавени информации за зголемување на неговата и на имотната состојба на членови на неговото семејство.

Имаме отворен предмет по пријава, се постапува по предметот. Кога ќе имаме конкретни информации ќе излеземе во јавноста, посочија од ДКСК на редовната седница.

Членовите на ДКСК, во одговор на новинарска забелешка дека Владата не постапува по нивните препораките за злоупотреба на функција на државни функционери, а во врска и со последниот случај за злоупотреба на службени возила од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговорија дека Владата „треба да се замисли и да води сметка за препораките на Антикорупциската комисија“.

Од ДКСК и порачаа на Владата дека има етички кодекс по којшто може да постапува.

Од Владата често велат дека не се истражен орган, но имаат етички кодекс по којшто треба да постапуваат. Препораките што ги даваме до Владата, посебно до вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, се дека според етичкиот кодекс тие можат да делуваат. Има слабости и злоупотреби, но ние немаме механизми за натамошно делување, велат од ДКСК.

Тие додаваат дека власта може и да не одговори на препораките на ДКСК, но сето ова влегува во извештаите на Европската комисија, особено во овој период, кога се одвива скринингот.

извор: Република