Честитка од министерот Оливер Спасовски по повод 8 Март:
Со посебна почит кон жената, која низ историските епохи од столб на семејството се трансформираше во столб на општеството, и кон денешниот ден кој претставува симбол на борбата за права и за еднаквост на жените во целиот свет, дозволете во мое и во име на раководството на МВР да ви го честитам 8 Март – Меѓународниот ден на жените, со желби за добро здравје и успеси на сите полиња.
Цел еден век, овој празник се одбележува на глобално ниво, потсетувајќи на социјалните, економските, културните и политичките достигнувања на жените.
Иако прогресот во изминатите неколку децении е видлив, сепак, светот сѐ уште не може да се пофали со ефективна родова еднаквост.
Во последниве неколку години МВР докажа дека постои и волја и желба отворено да се дискутира на темите за родова еднаквост и недискриминација, но и да се преземат конкретни чекори во создавањето на економски силни, одважни и самостојни жени и девојки.
Денес навистина можеме да се пофалиме со еднаквост во одлучувањето, бидејќи на ниво на организационите единици во рамки на МВР 48% од раководните позиции се доверени на жени. Исполнетоста на принципот на застапеност на жени на раководни позиции е евидентна и во рамки на Бирото за јавна безбедност.
Така, жените се на раководни позиции на Оддели како помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија, жените се вклучени и во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, жените ги покажуваат своите врвни професионални перформанси во Одделот за воздухопловни единици и Единицата за интервентна полиција, што порано не беше случај.
Новиот Колективен договор помеѓу МВР и МПС е прв колективен договор во државната управа кај нас, во кој се употребуваат родовиот речник и терминологија, а во кој е предвиден и паричен надомест во висина од 100 евра во денарска противвредност на жени вработени во МВР кои ќе се реализираат како мајки, за секое новородено дете.
Ваквата посветеност во креирањето на политики, но и доследната реализација на активностите се неопходни за да се забрза прогресот и да се овозможи иновативниот потенцијал на жените да биде двигател на промените. Уверен сум дека ова треба да е императив во глобални рамки. Затоа и ве повикувам сите, заеднички да ги надминеме видливите, но и оние невидливите бариери во умот. Таквата акција изискува колективна одговорност и заедничка заложба на еднакви граѓанки и граѓани по сите основи!
Нека е честит 8 Март – Меѓународниот ден на жената!
извор: МВР