И покрај мерките кои ги презедоа американските власти, загриженоста на финансиските пазари останува и по пропаста на две американски банки. По неуспешната докапитализација, во петокот (10.03.2023), Банката на Силиконска долина (СВБ) беше затворена и ставена под контрола на државата. Американската надзорна управа потоа ја затвори и Сигничер банката (СБ) од Њујорк, откако клиентите во голема мерка почнаа од неа да ги повлекуваат своите пари, објави DW.
Во двата случаи, парите на клиентите се осигурани, се наведува во заедничката изјава на американската министерка за финансии Џенет Јелен, претседателот на Американската централна банка Џером Пауел и Агенцијата за гаранција на депозити.
Сепак неизвесноста продолжува, па и меѓу инвеститорите во Германија. По значителните загуби во петокот, на почетокот на неделата продолжи падот на Франкфуртската берза.
„Инвеститорите се загрижени дека поради растот на каматните стапки и други банки би можеле да се најдат во иста ситуација“, вели Кристијан Хенке од институтот ИГ Маркетс.
Загрижени клиенти пред филијалата на пропадната банка СВБ во Велсли во американската сојузна држава Масачусетс
Кој е уште потенцијален кандидат?
Мориц Шуларик, професор по економија на Универзитетот во Бон, смета дека „решителната акција“ на властите во САД го намалила ризикот од натамошно пропаѓање на банки. „Министерството за финансии на САД и Американската централна банка за време на викендот презедоа чекори кои би требало да ги смират клиентите на овие две банки.“
Истовремено, Шуларик за ДВ укажува оти светот треба да обрати внимание на постоечките проблеми во глобалниот финансиски сектор.
„Овие работи секако е тешко да се предвидат, а навистина проблемите поради кои пропаднаа банките Силиконска долина и Сигничер не се ограничени само на нив. Значи, прашање е кој е уште потенцијален кандидат?“
Причината е тоа што особено СВБ се чувстуваше принудена да ги продаде обврзниците. Судејќи според сѐ некои стартап компании сакаа да ги повлечат парите од банката, поради што финансиската институција мораше да ги ликвидира своите обврзници. Проблем е тоа што со пресвртот во политиката на каматните стапки од страна на централните банки пораснаа приходите, но паднаа цените на обврзниците. Ако обврзниците се продадат, падот на курсевите доведува до загуби за банката. Затоа банката се обиде да изврши докапитализација, но не успеа во тоа.
Текстот во целост на: DW.